По повеќе од четири часа операција, Бојан Јовановски-Боки 13 остана речиси без желудник, пишува „Макфакс“.
Јовановски беше опериран во болницата „Св. Наум Охридски“, а хирургот Стојанче Јованов посочува дека операцијата била премногу комплицирана и ризична.
„Отстранет е речиси целиот желудник. Многу мал дел од желудникот е оставен. Отстрането е сè друго заедно со дванаесетпрсното црево. Направена е ризична операција, пациентот сега е во ризична состојба, не во животозагрозувачка. Очекуваме да немаме компликации“, вели тој за „Макфакс“.
Боки 13 е во шок-соба, а неговото будење по анестезијата ќе оди бавно и тешко.
„Закрепнувањето не се знае колку ќе трае. Компликациите се тешки и смртоносни, во тоа е проблемот. Затоа бараме мир по вакви ситуации. Многу тешка и комплицирана операција“, додаде тој.
Хирургот Јованов посочил дека ова е последица на несоодветното лекување што го имал Боки 13, а чиј правен тим постојано праќаше аларм дека ќе биде подложен на операција доколку не добие прекин на казната за здравствената состојба да му се третира во согласност со препораките.