Ако политичката криза продолжи или ескалира, штетата ќе ја почувствуваме сите, затоа што тоа ќе значи помалку инвестиции, создавање помалку работни места, можеби и намалување на плати, ако дојде до таква ситуација да имаме повисоки каматни стапки, сите коишто имаме кредити ќе имаме поголеми рати за плаќање, исто така бизнисите ќе имаат поголеми рати за плаќање, така што штетата ќе ја почувствуваат сите што живеат во Македонија, вели гувернерот на Народната банка Димитар Богов во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Запрашан колку се сигурни депозитите во банките, особено во оние со грчки капитал, Богов вели:
-Депозитите во банките се сигурни колку што се сигурни и банките, а колку се сигурни банките цениме според тоа какво е корпоративното управување во нив, каква е состојбата со капиталот, со ликвидноста, каква е профитабилноста, какви се внатрешните системи на таа банка, вели Богов.