Богојески до Ѓорчев: Добро е што партијата прифати дека има незадоволство кај членовите

by fokus

Го поздравувам фактот што дел од раководството на партијата веќе ја прифати реалноста дека имаме незадоволство кај нашите членови, имаме потреба од реформа, па макар истата да се нарекува „освежување”, одговара Петар Богојески, еден од иницијаторите за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од Влатко Ѓорчев дека иницијаторите сакаат да ја делегитимираат партијата и додаде дека ќе има освежување во партијата.

-„Освежувањето“ мора да биде на база на принципи и вредности, освежување на вистински застарените политики. Тие застарени политики не доведоа до состојба на домашна и меѓународна изолација. ВМРО ДПМНЕ, реформирано и модернизирано, ќе биде кредибилен партнер за формирање на идната Влада на Република Македонија. Задоволство е да се констатира дека дискусијата е отворена, темата е апсолвирана, фактите не може да се сокријат, вели Богојески.

Тој додава дека сега претстои период на будење на личниот интегритет на секој вистински вмровец.

-Јас сум сигурен дека вмровците имале, имаат и ќе докажат дека зачувале лично достоинство во целиот овој период, го зачувале својот идентитет, и нема да прават никакви компромиси кога е ВМРО во прашање. Нормално е да имаме различни мислења и тоа е новата вредност која ја добивме за само една недела од објавувањето на иницијативата за реформи во ВМРО ДПМНЕ, заклучува Богојески.

Катерина Смилева

Поврзани новости