Во делот од предложениот детален урбанистички план за Мал Ринг во Општина Центар што се презентира денеска секаде каде што имало неизградени споменици се бришат и на нивно место се предвидува зеленило. Секаде каде што имало згради со намена А2 за домување во претходниот план се пренанаменуваат за култура.
Се што сметаме дека не треба да го оптоварува бројот на жители сега го пренаменуваме, односно го даваме на државните институции како објекти што ќе се занимаваат со култура, рече на презентацијата градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.
Општина Центар, како што истакна Богдановиќ, ќе интервенира во деловите од планот за катната гаража кај собраниската зграда, т.н шпански скали и споменикот Мајка Тереза, откако ќе завршат судските процеси. Тоа, како што вели, не значи дека општината се откажала од отстранување на спорните делови поврзани со проектот Скопје 2014. По завршување на споровите, граѓаните ќе одлучат што сакаат да има таму, јавни површини, плоштад…
За деловите од проектот „Скопје 2014“ има 29 постапки во обвинителството, а една е веќе донесена во корист на Општина Центар која по тој основ повратила 30 милиони денари.
-Сите постапки што ги преземавме во изминатиот период е повторно Општина Центар да го преземе управувањето на државното неизградено земјиште односно сите почнати постапки во Мал ринг поврзани со т.н проект „Скопје 2014“. Во изминатиот период се изнаслушав дека со овој план сакаме да легализираме делови од Скопје 2014, односно да го потврдиме. Проектот Скопје 2014 бил донесен и потврден со носењето на планот во 2012 односно со претходните планови. Со новиот предлог план што го предлага Општина Центар се прави спротивното. Почнува да се стопира и да се брише се она што не е започнато во зацртаниот проект Скопје 2014, рече Богдановиќ.
Појаснувајќи го новиот план, информира дека ќе нема можност да се продолжи планираното градење во продолжение на објектот Теранова каде што се изградени тремовите во претходниот план. Се отсрануваат и целосно насоките од планот во 2012 година за тоа како треба да изгледаат фасадите( барок, неокласицизам,….) и се остава на самите институции, приватни или државни, да направат фасада како што ќе предложат тие или да ја вратат постоечката.
Ако остане планот од 2012 година, како што укажа Богдановиќ, и неодамна распаднатата фасада на зградата на енергетската компанија МЕПСО ќе мора да биде обновена во некој од предвидените стилови со планот од 2012 година.
Според Богдановиќ, доколку со предложениот план Општина Центар ја избрише парцелата за катната гаража кај Собранието поради тековниот судски спор за поништеното одобрение за градење општината во иднина ќе плаќа отштета со високи износи.
Потсети дека парцелата е продадена во 2014, а кога стапил на градоначалничката функција затекнал веќе издадено одобрение за градба. Најдени се правни механизми да се поништи одобрението за градба. Во тек се судски постапки со цел да ја потврдиме исправноста зошто сме донеле такво решение, бидејќи има рок на траење за земјиштето од кога до кога може да се издаде. Не смееме да го тргаме бидејќи секое евентуално бришење на веќе отворен судски спор значи дека утре тој што го откупил ќе дојде ќе бара отштетта и општината ќе плаќа милионски суми. Тоа не значи дека сме се откажале од ова парче, туку дека кога ќе заврши судскиот спор и ќе биде во корист така како што бараат сите, ќе можеме да го вратиме и тоа утре да биде парк, зеленило. Но, додека трае судскиот процес не смееме ништо да чепнеме, истакна Богдановиќ.
Планот што денеска го презентираме и го работевме, нагласи, не значи дека сакаме да протуркаме нешто, туку напротив да отстрануваме дел по дел од проектот Скопје 2014. Само со еден план не може да се избрише целосно се што планираме и мора да се оди чекор по чекор.
Како што информираше, со планот од старт се бришат трите галии во река Вардар. Откако ќе бидат завршени правните постапки за раскинување на концесиите од страна на Град Скопје, ќе бидат отстранети што е овозможено и со новиот закон.
Евентуалното бришење сега на делот од планот за т.н. шпански скали, укажа Богдановиќ, може да се искористи да се побара пролонгирање на договорот и за барање отштета од општината.
-За шпанските скали затекнавме веќе продадено земјиште и правосилно одобрение, со правни механизми го поништивме одобрението, воторстепената комисија ни го потврди нашето решение, но Управен суд ни го врати на повторно разгледување. Се додека не ја добиеме правната битка тука ние не смееме да чепкаме затоа што само ќе направиме услуга ако го избришеме, ќе речат општина Центар го спречила. Има таков дел во договорот доколку институциите те попречат да имаш право на пролоногирање односно уште повеќе да ти трае договорот, а може и да плаќаш отштета, појасни Богдановиќ, дополнувајќи дека веќе има судска времена мерка дека не смее да се преземе ништо.
Доколку го оставиме овој план бидејќи имаше такви иницијативи од асоцијации, здруженија, поединци, останува стариот план. Иако е под мораториум тој план важи, дополни градоначалникот на Општина Центар.
Во тој контекст укажа дека со новиот Закон за градење, што треба да стапи во сила за брзо време има можност за суспензија на плановите од само шест месеци. Тоа, укажа, значи дека може да ни се случи да ни остане стариот план ако во тој рок не ги донесеме планираните измени.
-Приватните парцели што се продадени од државата имаат одреден рок и ние се трудиме максимално да го запазиме тој рок и согласно неговото истекување да преземеме одредени дејствија. Веќе се преземени активирања на банкарски гаранции, поднесени се 29 пријави до Основното јавно обвинителство. Конкретно за шпански скали се отворени обвинителни акти, дел од луѓето се наоѓаат таму каде што се наоаѓаат и не смееме да влијаеме на истрагата. Со секое бришење им правиме услуга на тие кои го цртале тоа. Ако го избришете тоа нема дело, завршена е работата и нема за што повеќе да се дискутира. Како што ќе ги добиваме судските спорови и како што ќе го враќаме земјиштето така ќе го менуваме после планот, нормално, како што ќе одлучат граѓаните, во зависност дали ќе сакаат парк, плоштад… За деловите што се споменуваат и што се спорни додека не заврши судската постапка и истражните дејствија не смееме да чепкаме и да менуваме, нагласи Богдановиќ.
За делот каде е планиран споменик на Мајка Тереза сакаат да биде проодна улица, но откако ќе се поништи одобрението за градба издадено од Министерството за транспорт и врски, која издава вакви дозволи за објкети од прва категорија.
-Веќе е формирана целосно нова парцела и се почнати дејствија. Бидејќи конечено дојдовме до документацијата сметаме да пробаме преку правни механизми да го поништиме одобрението и тоа како што разговараме со Град Скопје да биде проодна улица. Сепак, додека не заврши процесот не смееме да чепкаме ништо, бидејќи ако го избришеме Министерство за транспорт, односно Министерство за култура може да ја тужи Општина Центар за нанесена штета. Тоа не значи дека ќе се откажеме од борбата да го отстраниме, но мора да го тераме преку правни механзими. Ако Скопје 2014 е легален криминал ние легално мора да се бориме да го размонтираме. Ако пробуваме тоа да го направиме на некој див начин, штетата ќе ја трпат сите, пред се, општина Центар, и ќе се случи да направиме услуга на некој кој веќе направил огромен криминал, смета Богдановиќ.
Наведувајќи примери, посочи дека за мостот Око е веќе завршена постапката и успеале да вратат 30 милиони денари во општина Центар. Со евентуалната завршница на 29 постапки во обвинителстото во корист на општината, како што посочи, првин ќе вратиме средства, а потоа и површини што сметам, пред се, се најважни за граѓаните да имаат слободен простор во срцето на градот.
На презентацијата за предлог деталниот урбанистички план беше соопштено и дека сите објекти кои се од јавен карактер, а претходно биле дефинирани како поголеми парцели сега се дефинирани како објект парцела. Тоа значи дека целата нивна околина е прилагодена да биде пристапна на сите граѓани. Наведувајќи пример Богдановиќ појасни дека во случај да се приватизира Македонска пошта со сегашните промени ќе се овозможи просторот околу нејзината зграда да биде јавна површина.
Вкупната површина на ДУП Мал Ринг изнесува 37,39 хектари. Предвидени се 167 градежни парцели од коишто најголемиот дел се задржуваат во постојна состојба. Предвидени се дејствија само на18 парцели. Собирните улици коишто го опкружуваат планскиот опфат се целосно преземени од Генералниот урбанистички план.
-Во ГУП на Град Скопје дефинирана е мешовита намена за целиот плански опфат односно намена плус А, плус Б, домување, комерцијални дејности и јавни институции. Сите тие се застапени со одреден процент во рамки на планскиот опфат којшто е испочитуван со зададениот во ГУП-от. Целиот план предвидува вкупно 157.308 квадратни метри површина за домување што е под дозволеното од ГУП, што е 178.750 метри квадратни, беше соопштено на презентацијата.
Сите параметри што се предвидени со ГУП се испочитувани и во однос на задоволување на максимално дозволениот број жители, задоволување на инфраструктурните потреби и распределбата на намерата на земјиштето.
За сите градежни парцели предвиден е пристап од секундарна улична мрежа согласно правилникот за стандарди и урбанистичко планирање освен за неколку исклучоци и со претходен урбанистички план имале планиран пристап од примарна сообраќајна мрежа и се задржуваат со параметрите како што се во постојна состјба и со параметрите од претходниот урбанистички план.
Целото сообраќајно решение е предвидено така што не се дефинирани никаде улични профили на секундарната инфраструктура, туку е една режимска сообраќајна површина која што понатаму ќе биде предмет на разрешување со други проекти, режимски проекти, урбанистички проекти со коишто ќе се дефинира режимски пристап до сите проекти во внатрешноста.
-За целиот овој дел се направени заштитни конверзаторски основи и се потврдени дел од објектите коишто се под заштита. Целиот дел е поделен на три целини и целиот опфат Мал ринг претставува контактна зона на објекти што се под заштита. Затоа дел од објектите имаат режим на заштита и на нив неможе никако да се интервенира и затоа се задржани во постојна состојба, појаснија надлежните од Општина Центар на презентацијата.
По презентацијата, што поради протоколите што се во сила поради пандемијата се одржува во два дела, ќе бидат рзгледани забелешките од доставените анктени листови, што треба да бидат внесени во предлог планот по што тој се носи од Советот на Општината. Асоцијацијата на архитекти на Македонија вчера побара повлекување и преработување на ДУП-от и отстранување од него на спорните делови од проектот „Скопје 2014“. МИА