По долгите преговори со претставниците од власта, Здружението на естрадни уметници успеа делумно да им помогне на своите членови во надминувањето на финансиската криза предизвикана поради забраната за настапи. Музичарите се вклучени во неколку пакети за помош, а последната, која беше најголема од почетокот на пандемијата, ја добија на 31-ви декември 2020 година, кога на сметките на 730 естрадни уметници беа уплатени по 43.552 денари.
Претседател на ЗЕУМ е музичарот Горјан Стојановски, а пак пред негово доаѓање на чело на здружението, на оваа функција изминатите четири години беше фолк музичарот Благоја Грујовски. За „Фокус” Грујовски вели дека е задоволен од насоката во која се движат актуелните состојби на естрадата. Раскажува дека музичарите во овој за нив тежок период сфатиле дека заедништвото значи многу, и само сплотени можат да претставуваат некаков фактор во општеството.
-Сите естрадни уметници се најдоа на голем удар поради кризата. Во меѓувреме порасна свеста кај големата музичка заедница дека само со организирано и здружено дејствување ќе бидеме некаков фактор. Новото раководство на ЗЕУМ ги исполни и ги надмина моите очекувања и се бори за правата на музичарите на вистински начин, со директни преговори во институциите. Беше многу тешко кога почнавме со процесот во мај. Имаше голем притисок и недоверба. Сега е веќе друга слика. Претседателот Горјан Стојановски и другите членови на одборот се залагаат максимално за остварување на целите. Финансиската помош за стотици колеги е само еден дел од тој процес – појаснува Грујовски.
Додава дека забраната за настапи која е актуелна со месеци ја погодила целата бранша, и тој не е исклучок.
-Секој професионален музичар е засегнат. Јас не сум исклучок. Чекам да помине кризата и да продолжам да го работам она што најдобро го знам. Подготвувам некои нови проекти, но ќе почекаат, бидејќи не е време за нивна реализација. Не работам нешто друго, затоа што јас целиот живот сум музичар – вели тој.
Претседателот на ЗЕУМ, Стојановски пак, минатата недела ни изјави дека парите бргу се трошат, па поради тоа во наредниот период повторно ќе побараат државна помош.
-Ќе бидеме задоволни ако државата ни одобри иста сума како и минатиот пат. Среќни сме ако го зачуваме здравјето, а поголем пари ќе си направиме сами – порача Стојановски.
Вики Клинчарова