(АРХИВА) Тајната снимка на Верушевски за Заев била најдена пред 4 години при претрес

by Fokus

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ на 27.05.2020 година

Пишувала: Валентина ВУРМО

 И по шест години од откривањето на аферата за нелегалното масовно прислушување во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), правдата никако да стигне, односно никој не заврши зад решетки.

Судењето за случајот „Таргет и Тврдина“, поради кој и всушност се создаде СЈО, се развлекува со години, а крајот не му се гледа ниту во блиска иднина.

И додека се чека црно на бело да се докаже кој и колку прислушувал, невозможна мисија останува докажувањето на сомнежите дали освен нарушената приватност на илјадници граѓани, некој подоцна тргувал со овие „бомби“, во чии раце завршиле, освен во оние на СЈО, и дали биле користени за уцена или рекет.

Во таа насока во Специјаното јавно обвинителство, беа отворени и две предистраги, но ниту тие не се поместија од мртва точка. Едната, за која СЈО, јавно споделуваше податоци, го вклучуваше името на Љупчо Палевски –Палчо, а во другата, која се чуваше во тајност, наводно се споменувало името на Александар Верушевски.

Како што дознава „Фокус“, неодамна објавените “бомби“ на кои се слуша гласот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, биле меѓу доказниот материјал за една од овие предистраги. Поточно снимката била најдена сочувана на УСБ, при претресот на еден од осомничените.

Но овие „бомби“ не се дел од нелеганото прислушување во УБК, туку според Заев, го снимал Александар Верушевски, син на неговиот близок соработник Зоран Верушевски, и тоа  летото во 2016 година, кога заедно биле на ручек во ресторан во Струмица.

Неколку години подоцна, снимката воскреснува, поточно еден мал дел од неа, а опозицијата се обидува да поентира.

ВЕРУШЕВСКИ ГО СНИМАЛ ЗАЕВ ПО НАРАЧКА НА ДВАЈЦА МОЌНИ БИЗНИС ПАРТНЕРИ?

Оригиналната снимка, според информациите на „Фокус“ е со траење од два часа, а порталот „Инфомакс“, објави 4 фрагменти, со вкупно траење од само 2 минути. Од порталот се оградија дека снимката им ја испратил „свиркач“, со закана дека во наредниот период ќе следуваат и други делови.

Нашиот извор пак вели дека снимката не ги исполнила очекувањата, односно не содржи компромитирачки материјал за Заев, освен неколку пцовки, како онаа која веќе се слушна кога лидерот на СДСМ зборува за бизнисменот Орце Камчев.

Поточно зборувајќи за активностите на СЈО, Верушевски му вели „Тоа е голема грешка, Орце ми го чепкате, еј!“, на што Заев коментира „море мамето мамино ќе му го е*ам“.

Она што шокираше во случајот не е содржината на објавените разговори, туку тоа што Заев тврди дека и по сето ова со Верушевски се пријатели.

Александар Верушевски е лицето кое ме снимаше летото во 2016 година на ручек кај мене во Струмица. Разговорот јасно ми покажува кој е тоа. Ние сме во добри односи, секој со својата одговорност. Тој така одлучил, така направил. Тој е мој пријател, но ете така одлучил. Неговиот татко знаете е советник за национална безбедност и ми е голем пријател. Но, ете, Александар така одлучил, така правел, рече Заев.

Верушевски пак на својот фејсбук профил, со не баш пријателски тон му испрати порака, нарекувајќи го јадник.

„Замисли колку е сигурен дека само тогаш бил снимен…Јадник!“

Според експертите со кои разговаравме, објавените снимки, според нивниот квалитет на тонот, најверојатно се направени со озвучување на лицето кое снимало, а не со неговиот мобилен телефон. Во таа насока одат и шпекулациите дека целта била Заев да биде испровоциран за да протечат компромитирачки информации за него. Наводно Верушевски бил само снимачот, а идејата била на двајца тогаш моќни бизнис, но и политички, партнери.

Па така, на една од објавените снимки тече следниот дијалог меѓу Верушевски и Заев:

Верушевски: Зошто на пример не ми веруваше на мене, а му веруваше на Чауш?

Заев: Што сум му верувал на Чауш, ајде кажи ми?

Верушевски: Како што си му верувал, од кај имаше Чауш снимки, кој му ги дал?

Заев: Снимки на Чауш? Чаушот може да има само мал дел од снимките, кога преведуваа од албански на македонски.

Верушевски: Ама, ги имал, ти зошто си му ги дал?

Заев: Во партијата беа. Не сум му ги дал. Издвоени се за да се види што има за Али Ахмети, вели Заев, по што снимката прекинува.

Затоа го прашавме Заев, дали му е познато дека зад идејата за негово снимање не стои само Верушевски, тој кусо ни одговори дека се што имал за случката да каже, веќе кажал.

Јас не би коментирал повеќе за оваа работа. Кажав што имав на прес конференцијата, ни одговори Заев.

МИЦКОСКИ ГО ЗНАЕЛ РАБОТНИОТ БРОЈ НА ПРЕДИСТРАГАТА НА СЈО

Она што дополнително ја зачини случката е што и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го смета Верушевски за пријател.

Да се познавам со господинот Александар Верушевски. Тој е грижлив родител и посветен сопруг, а она што можеби е значајно да го знаете е голем патриот, рече Мицкоски, без да прецизира кои биле патриотските чекори кои ги превзел.

Случајно или не, многу веројатно е Мицкоски уште пред неколку месеци да бил информиран за оваа снимка во која главната улога ја имал Заев.

Уште во декември минатат година, Мицкоски, на прашања на „Инфомакс“, го споменува ова мистериозно УСБ, но и предистрага под број НСКРО 74/17. На прашањето, дали е можно на Палчо да му се губи трагата поради некое УСБ, кое го имал, а на кое имало инкриминирачки материјали за Заев, тој вели:

Истото што вие сега ме прашувате истото и јас сум го слушнал, постојат некаков вид на такви материјали, сум слушнал и се шпекулира во јавноста дека постои некое такво УСБ стикче кое што во судските, односно во обвинителството е заведено под број НСКРО 74/17 и дека на тоа стикче има доста работи со кои што можеби треба да се позанимава македонската јавност, одговори тогаш Мицковски, оградувајќи се дека сепак ова биле шпекулации, односно дека тој нема потврдени информации.

Но потоа веднаш продолжува:

-За ова кое што вие ме прашувате и за она кое што јас го слушам, но навистина ако ова е точно, тогаш е катастрофално дури и го повикувам обвинителството дури и до таму се оди во тие шпекулации дека тоа стикче било најдено во моментот кога е вршен претрес кај еден од осомничените во случајот „Рекет 1“, и дека се наоѓа во обвинителството. Така што ако ова е вистина кое што вие ме прашувате, а јас исто така го слушам на ниво на шпекулации, тогаш навистина ќе биде уште еден пораз за македонското обвинителство и за македонското судство и доказ дека се тие денеска реформирани од како што велеше порано Зоран Заев од Сваровски во Луј Витон правосудство, заклучи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

ВЕРУШЕВСКИ СЕ СПОМЕНУВА ВО ПРЕДИСТРАГА НА СЈО ЗА УЦЕНА СО „БОМБИ“

За да хаосот не биде поголем, да се вратиме на предистрагата која СЈО ја отвори против Палчо.

Во 2016 година на јутјуб-каналот „Никола Тесла“ почнаа да протекуваат прислушувани разговори, од кои повеќето приватни. Тогаш најзасегнати беа пратеничката Ермира Мехмети, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, новинарите Оливера Трајковска, Драган Павловиќ Латас, Ивона Талевска, бизнисменот Јордан Камчев, поранешниот премиер Хари Костов и други.

Тогаш Латас побара помош од СЈО и поднесе пријава, по што беше отворена предистражна постапка. Шефицата на СЈО, Катица Јанева, ги повика и останатите оштетени да дадат исказ во обвинителството.

Ги повикувам засегнатите поединци да дојдат во специјалното обвинителство за да поведеме соодветни кривични постапки,  повика Јанева.

По една година од пријавата, по наредба на СЈО беше уапсен бизнисменот Љупчо Палевски – Палчо. Тогаш сите медиуми, повикувајќи се на неофицијални информации, објавија дека Палевски е уапсен како осомничен за објавување на овие „бомби“, затскривајќи се зад псевдонимот Никола Тесла. По дваесетина часа поминати во полициска станица, и четири часа во просториите на СЈО, Палевски беше пуштен на слобода.

Од домот на Палевски, кој е поранешен функционер на СДСМ, односно екс претседател на градската организација на социјалдемократите, истражителите на СЈО одзедоа и компјутери и мобилни телефони, но досега не се откри што пронашле во нив.

Сепак, во еден од извештаите на СЈО, се открива дека при неколку претреси за потребите на предистражни постапки биле одземени 98 електронски уреди, но не се посочува дали некои од овие уреди е и од домот на Палевски. Од Обвинителството само откриваа дека за дел се завршени вештачењата.

Паралелно со оваа предистрага била отворена уште една, и тоа по пријава поднесена во СЈО за уцена.

Како што дознаваме, пријавата ја поднел моќен бизнисмен, кој обвинувал дека бил уценуван да откупува „бомби“ на кои имало приватни разговори на негови блиски лица. Во оваа предистрага, како доказ, се наоѓа и снимката која според Заев ја снимал Верушевски.

„Фокус“ побра изјава од Александар Верушевски, откако Заев откри дека тој е неговиот соговорник и снимач, но тој само кусо ни одговори дека нема коментар.

ВО ЧИИ СЕ РАЦЕ ЗАВРШИЛЕ „БОМБИТЕ“ ОД УБК?

Дека и поединци имаат приватна колекција од „бомбите“ кои потекнуваат од СЈО, но и новокомпонирани, бидејќи стана ултра модерно да се снимаат разговори додека чукаат чаши и звечкаат вилушки во кафеани, ќе биде појасно во предизборниот период. Се очекува сите политички актери да „пукаат“ со сиот расположлив арсенал.

Официјално, во СЈО завршија вкупно 606.555 „бомби“. На прва, впечатокот е дека станува збор за голем број телефонски разговори, кои нелегално биле прислушувани, а потоа истите биле и обработувани, односно биле електронски зачувани или ставени на хартија. Што во превод би значело, дека голем број луѓе биле вклучени во операцијата. Официјално пак, во предметот „Таргет“ се обвинети екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, потоа Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Операцијата, пак, дополнително се усложнува ако се знае дека овие „бомби“ се само 5 отсто од вкупно прислушуваните разговори во аферата „Таргет“!

Овој шокантен податок го открија „свиркачите“ Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски, или, како што сведочеше Лазаревски, од УБК успеале да изнесат разговори кои зафатиле меморија од 800 гигабајти. Сите овие материјали му ги предале на поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, кој пак ги предаде на лидерот на СДСМ, Заев.

Но кога Верушевски, таткото, исто така добар пријател на Заев, стапна во судница, шокираше со неговата приказна, која не се поклопуваше со онаа на „свиркачите“. Една од клучните разлики беше што Лазаревски тврдеше дека тој бил посредник меѓу Костовски и Верушевски, односно, Костовски ги вадел материјалите, му ги давал, а тој ги предавал на Верушевски. Актуелниот советник за безбедност на Заев, пак, сведочеше дека Лазаревски „бомбите“ ги предавал во партијата СДСМ, а не лично нему.

-Информацијата и документацијата не завршуваше кај мене, туку во политичката партија, шокираше Верушевски, бидејќи колегите од УБК тврдеа дека тој, професорот, бил нивниот вистински избор каде да се предадат материјалите.

Лазаревски тврдеше дека добиле совет од Верушевски и дека материјалите треба да се чуваат и анализираат.

Вистинското вадење на материјалите следуваше откако контактиравме со него, тврдеше Лазаревски.

Најмногу реакции во јавноста сепак предизвика сведочењето на Верушевски според кое е можно снимките да биле сечени и лепени. Поточно тој рече:

документацијата (се мисли на снимените материјали), доживеала стравотна модификација и компромитирање“.

 СИТЕ ИМ СЕ ПРИЈАТЕЛИ, САМО ГРУЕВСКИ НЕПРИЈАТЕЛ

Она што предизвика дополнително внимание во неговото сведочење, е што тој ниту еднаш не го спомена тогашниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, туку потенцираше дека мозокот на аферата е Никола Груевски и дека тој требало да биде првообвинет во случајот.

Во моментите кога обвинителката Ленче Ристоска инсистираше да добие одговор дали „материјалите“ биле изнесувани од СДСМ, Верушевски не одговори, туку искоментира дека со тешко срце ќе спомене дека Груевски требало да биде првоосомничен, а СЈО требало да одговори зошто тоа не е така.

Тогаш тој потенцираше дека Груевски, но и бегалците Грујевски и Бошковски, ги имале сите „бомби“ кои ги има и СЈО, но и уште многумина други.

Она што беше клучно, дека во своето сведочење ниту еднаш не го спомена Мијалков, а ќе остане запаметено и нивното срдечно ракување пред почетокот на рочиштето.

На крајот ќе излезе дека Верушевски се пријатели со сите, освен со Груевски.

Од друга страна, никој не знае колку од овие разговори завршиле на црниот пазар, односно колку од нив биле зачувани во приватни архиви. Бидејќи, очигледно е дека прислушувањето кое траело од 2008 до 2015 година поради обемноста излегло од контрола, па народски кажано, не се знаело кој кого прислушува.

И во предизборната кампања во 2016 за парламентарните избори, на Фејсбук страница именувана како пронто.мк, беа објавувани разговори меѓу албанските политичари во Македонија.

За случајот „Фабрика за афери“, на 2,5 години затвор беше осуден Захир Беќири Чауш, оти кај него при претрес, како што тврдеше обвинителството, биле пронајдени над 70 илјади телефонски разговори, кои, според нив, требало да бидат употребени за уценување на бизнис секторот и политичката елита во земјава.

Но, во текот на судскиот процес таквото тврдење на обвинителството не излезе на виделина, а разговорите за кои се тврдеше дека биле пронајдени при претресот не беа ниту презентирани како докази.

За овие „бомби“ и специјалните обвинители зборуваат во еден од извештаите, но не откриваат дали ги имале во својата архива.

Во временскиот период од 15-ти септември 2018 година до 15-ти март 2019 година беа анализирани форензичките копии на вкупно 124.058 аудио фајлови од предметот против Захир Бекири викан Чауш и Имер Бекири. Од вкупниот број на аудио фајлови до моментот на поднесување на Извештајот констатирани се 76.797 разговори од кои обработени и анализирани се 68.956 разговори, пишуваше во еден од извештаите.

Она што треба пак обвинителството веќе еднаш да го направи, е да ги оживее истрагите и предистрагите на СЈО, и работите да се расчистат до крај. Веќе не се знае кој колку „бомби“ има во раце, и за што ги користи.

Аферата „Тргет и Тврдина“ требаше да го исече од корен нелегалното прислушување, но очигледната неказнивост, ги мотивираше и останатите да снимаат, кој како знае и умее!

Обвинителите од СЈО коментираа дека не е лесно да се живее и заспие по сето она што го слушнале во „бомбите“. Тие требаше зад решетки да ги стават криминалците од предходната власт, но наместо тоа станаа извор на уцени и заплашувања.

 

 

 

 

Поврзани новости