Уметниците од Македонија и од странство кои пристигнаа во Битола за почекоток на фестивалот за современи уметности АКТО, денеска одржаа протестен перформанс со наслов „Битолски гибања“. Уметниците протестираа бидејќи за јубилејното десетто издание, општина Битола одлучи да не го поддржи фестивалот финансиски, кој девет години се одржуваше во рамки на Битолското културно лето.
-Уредно аплицириваме како и секоја година, овојпат не добивме поддршка од општината, а за тоа дознавме индиректно кога се објави програмата на Бит фест видовме дека не сме во таа програма, не бевме известени за тоа претходно, рече Филип Јовановски, уметнички директор на фестивалот.
Освен што општината не даде поддршка за АКТО, одби да овозможи Мобилната галерија да се постави на јавен простор во градот.
-Освен тоа, поднесовме барање за поставување на Монтажната/мобилна галерија во јавн простор и барање за користење на неколку јавни простори за уметнички дела и перформанси на учесниците на годинешната програма и за тоа не добивме одговор, односно половичен одговор, дека општината во принцип не соработува со организации што не се дел од годишната програма на Општина Битола, што ја покажува исклучивоста на културната политика на градот да соработува со одредени организации, изјави уметничкиот директор на фестивалот.
Сега мобилната галерија е поставена во дворот на една приватна куќа и таму ќе биде отворена до средината на септември. Од фестивало велат дека тоа бил единствениот начин во време кога се наоѓаме буквално под окупација на јавните простори.