Битка по битка, Мијалков ја добива војната!

by Фокус

Од 6 предмети кои беа отворени против поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, со денешното одложување на јавната седница и застарувањето на делото за “Титаник 2”, четири случаи се решени, и тоа во корист на Мијалков. Сега во тек се повторените судења за „Таргет-тврдина“ и „Трезор“. Првиот предмет има големи шанси да застари, единство не застарува случајот “Трезор”, пишува најновиот број на неделникот „Фокус“.

Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Ако по падот на ВМРО-ДПМНЕ се броеше колку обвиненија и колку пресуди има донесено против Сашо Мијалков, сега се брои од колку предмети ќе се спаси.

Ако се направи една кратка анализа, од 6 предмети во кои се гони Мијалков, сите „висат“, односно или се застарени или Апелација ја има укинато првостепената пресуда. Со најновата одлука на Апелација, Мијалков е ослободен од уште еден случај, “Титаник 2”. Всушност му останаа уште две судења “Таргет-Тврдина” и “Трезор”. 

Последниот петок, пак, беше среќен за Мијалков, Апелација му ја преиначи затворската казна за случајот „Плацовите на Водно“, во условна осуда. Предметот не го врати на повторно одлучување, како што беше пракса досега, туку донесе одлука што е мериторна, односно правосилна.

Ова е прв предмет за Мијалков, за кој Апелација одлучил мериторно, додека другите предмети ги враќаше на повторно судење, иако застаруваа.

Еден ден претходно, пред одлуката за „Плацовите на Водно“, истиот суд ја потврди ослободителната пресуда за случајот „Тортура“. Судот објави дека ја потврдува ослободителната пресуда што ја донесе Основниот кривичен суд за Мијалков и припадниците на поранешната полициска единица „алфи“ во случајот „Тортура“.

И додека за „Плацовите на Водно“, Апелација ниту еднаш не го врати случајот на повторно судење, а за „Тортура“ пресудата беше јасна, разбирлива и без суштествени повреди, за најбитниот случај, за кој и се формираше Специјалното јавно обвинителство, односно за масовното прислушување, Апелација се мислеше и го врати случајот пред да застари.

Со оваа одлука на Апелација, големи се шансите Мијалков да се „извлече“ од случајот, бидејќи неговото дело застарува за 2 години.

Поточно, на почетокот на 2025 година застаруваат делата на обвинетите за масовното прислушување, што би значело дека во рок од 2 години од сега, при повторување на постапката, ќе треба да се донесе нова првостепена пресуда и таа да стане правосилна. Во спротивно, сѐ досега ќе пропадне во вода.

За да се добие целосна слика, првиот пат, пак, само за носење на првостепената пресуда беа потребни повеќе од 3 години. Ваквото сценарио најмногу му одговара на Мијалков, кој Кривичниот суд го осуди на 12 години затвор.

За случајот “Империја” се спогоди па сега во отворениот зарвор во Струга, ја издржува затворската казна единствено за ова дело.

Апелација ја укина првостепената пресуда и за случајот „Трезор“ за начинот на набавката на британска опрема за следење на комуникациите, за што поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, и ексфункционерите на Управата и на МВР, Горан Грујевски, Небојша Стајковиќ и Тони Јакимовски добија повеќегодишни затворски казни од страна на Кривичниот суд во Скопје.

И во овој случај каде што Мијалков беше осуден на 8 години затвор, Апелација констатирала дека првостепениот суд сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривична постапка.Но, единствено овој случај не застарува набрзо.

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Поврзани новости