Македонската економија ќе се раздвижува со увоз на работници од странство. Пазарот ќе се либерализира, но дали целосно или таргетирано, се уште е отворена дилема, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Фокусот во старт, посочува Битиќи во интервју за Дојче веле, е регионот на Западен Балкан. Идејата е да се зголемат и годишните квоти, а ако има потреба и општа согласност, да се таргетираат и трети земји.
–Точно е дека се уште постои висока стапка на невработеност која изнесува 14 отсто и е со тренд да се намалува во наредниот период, но соочени сме и со сериозен одлив на кадар од државата. Овој тренд е присутен не само кај нас, туку во сите земји од Западен Балкан и се должи на она што се случува и во земјите од Европската унија, како Германија, Франција, Белгија, кои ги отвораат пазарите на труд, но исто така имаат и миграција на работници во трети земји, вели Битиќи.
Тој додава дека ние како Западен Балкан немаме таква миграциска политика за да кажеме кон кого се отвораме.
-Но првиот исчекор го направивме пред година и половина со иницијативата „Отворен Балкан“. Дел од овој процес се и законските решенија за единствен идентификациски број на трите земји Србија, Северна Македонија и Албанија, што е поврзано со една од вредностите на Европската унија, а тоа е мобилноста. Да може работната сила полесно да доаѓа. Извештајот на ОЕЦД покажува дека интрамиграциските движења во Западен Балкан се на ниво на 15 отсто од вкупното миграциско движење. Постоело и претходно, постои и сега, ама ние сакаме да го артикулираме уште повеќе за да ги искористиме сите потенцијали од Западен Балкан, затоа што и културолошки сме поблиски. Луѓето многу полесно ќе се движат и снаоѓаат на пазарот на труд, појаснува Битиќи.