Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи денеска порача дека Град Скопје треба да го реши проблемот со приватните автобуски превозници, а евентуалното одземање на ингеренциите на градските власти би било враќање 20 години назад во процесот на децентрализација.
Битиќи во одговор на новинарско прашање рече дека Владата е секогаш тука за граѓаните но, како што посочи, одземањето на ингеренциите на Градот значи влегување во суштински и системски промени и би било на штета, не само на граѓаните на Скопје, туку и на целокупното функционирање на системот. Тоа, потенцира, би значело враќање 20 години назад во борбата за децентрализација.
– Јавниот превоз во Градот Скопје е во ингеренции на Градот Скопје и по закон. Сметам дека Град Скопје треба да се одважи и конечно да седне да го решат проблемот. Ако не е возможно, ние докажавме дека секогаш сме тука за граѓаните. Го решивме проблемот со топлинската енергија, го решаваме проблемот со електричната енергија во целата држава и можеби ќе влеземе веќе во преговори, но тогаш ќе значи нешто друго – дали е тоа и одземање на ингеренции за Градот Скопје, влегување во суштински и системски промени, не знам, затоа што вакво однесување на надлежните сметам дека се на штета не само на граѓаните на град Скопје, туку и на целокупното функционирање на системот, изјави Битиќи.
Дополни дека не е едноставен процесот на одземање ингеренции и порача дека никој нема штета од разговори.
– Ние се бориме последните 20 години за децентрализација. Тоа е во суштина одлика на големите развојни држави. Одземањето ингеренции е враќање назад за 20 години. Ние повикуваме на разум, повикуваме дека никој нема штета од разговори. Секако Градот Скопје си има свои аргументи зошто смета дека се изманипулирани и дека се уценувани, превозниците имаат свои аргументи, нагласи вицепремиерот.