До Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) се пристигнати сите барања за цената на струјата и доколку бидат прифатели тоа би значело нејзино зголемување за 13 проценти, изјави Марко Бислимовски претседател на РКЕ за агенцијата МИА.
Бислимовски изјави дека Електродистрибуција има побарано зголемување на цената за дистрибуција од 32 проценти, МЕМО, операторот на пазарот на електрична енергија, од 83,3 проценти, а МЕПСО како оператор на преносниот систем од 53,51 процент.
Процентот што го бара МЕМО, според него, навидум е голема бројка, но влијанието на цената е под 0,5 проценти. Вкупното влијание на цената на МЕПСО, пак, е нешто под пет проценти.
„Доколку ги прифатиме сите овие барања тогаш би значело зголемување на цената на електрична енергија од 12,75 проценти, односно од 13 проценти“, изјави Бислимовски.
Барање нема доставено само ЕВН Хоум поради тоа што не знае која ќе биде цената по која ќе ја набави од ЕСМ, повластените производители и ако има потреба од слободниот пазар.
Бислимовски рече дека во наредните денови ќе информира на што се темелат барањата за зголемување на цената, но дека најверојатно е заради зголемени трошоци во работењето.
„Ќе видиме дали е тоа прифатливо за нас или не. И претходно кажав не сум баш приврзаник за промени на цената на електричната енергија сега“, рече Бислимовски.
Како ќе влијае враќањето на стапката на ДДВ од 18 проценти на цената на струјата, тој повтори дека Регулаторна носи одлуки без ДДВ и оти ќе се задржи на делот што го регулираат.
„Ако го пресметате ДДВ не е 8 проценти зголемување на цената, математички е некаде околу 7,3, односно 7,4 проценти како зголемување на цена што би влијаела“, рече Бислимовски.