Листата што ја доби „Независен весник“ со надворешни соработници на премиерот Зоран Заев има претпрено одредени кадровски промени.
Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана е единственото ново „име“ во последниот список на надворешни соработници во кабинетот на претседателот на Владата, Зоран Заев.
На листата на надворешни соработници веќе не е новинарот од Струмица Ѓорги Калајџиев, кој имаше договор до јули годинава како советник за комуникации и односи со јавност, за што добивал хонорар од 40 илјади денари. Од листата на надворешни соработници е симнат и професорот Мерсел Биљали, кој до скоро беше ангажиран како советник за комуникации и односи со јавност за подобрување на односите меѓу етничките заедници, за хонорар од 40 илјади денари месечно. Биљали ни изјави дека е задоволен од соработката што ја имал со Заев додека бил советник.
Меѓу надворешните соработници на Заев не е ниту универзитетскиот професот Ванчо Узунов, за кој во првичниот список на советници стоеше дека е ангажиран до крајот на 2019 година.
Узунов, поранешен потпретседател на СДСМ, беше ангажиран за 53.500 денари месечно како надворешен соработник за економски прашања. Узунов ни изјави вчера дека, на негово барање, договорот за надворешен советник во кабинетот на премиерот бил раскинат и дека за тоа нема посебна причина.
Тој посочува дека и натаму е во комуникација со премиерот и дека и без договор е отворен за совети, како и дека останува неговата соработка во делот на регионалната соработка, Берлинскиот процес и скринингот и подготовките за почеток на преговорите со ЕУ.