Бездомник поминал хорор во Болницата за хируршки болести „Св. Наум Охридски“: Оставете го, што се занимавте со него, човекот е ретардиран

by Fokus

Осумдесетгодишен бездомник, целиот со рани, изнемоштен и смрзнат вчера не сакале да го примаат во болницата за хируршки болести „Св Наум Охридски“, при што настанала кавга меѓу луѓето што го донеле болниот бездомник од една страна и обезбедувањето и лекарскиот персонал од друга страна. Што е уште пострашно, бездомникот е со дијагноза рак и тоа во напредна фаза, со што дополнително се влошува неговата здравствена состојба.

Марија Матовска, граѓански активист за „Фокус“ објаснува дека 80-годишниот бездомник го пронашол нејзин близок во Градскиот Трговски центар во најстудениот период во денот, целиот со рани по лицето и изнемоштен до крајни граници. Таа тврди дека откако бил пронајден, чичкото веднаш бил однесен во болницата за хируршки болести каде што продолжува неговата голгота.

– Кога стигнавме во болницата никој не сакаше да го прими чичкото, кој изнемоштено седеше на едно столче во ходникот. Тој не можеше да се движи. Никој во болницата не сакаше да го прими, а обезбедувањето го оставија да чека на едно столче. Јас одев од врата до врата и барав да го примаат и се судрив со еден службеник, кој ми рече: „Оставете го, што се замарате со него, човекот е ретардиран. Тоа ме погоди уште толку, ме разочара и цело време се прашувам каде отиде човечноста – раскажува револтирано Матовска.

Таа додава дека вртела во сите институции, како и во Хелсиншки комитет и кај Народниот правобранител и дури тогаш се смилувале да го преврзат изнемоштениот бездомник.

– Среќа еден техничар, добродушен се погоди… реши да ни помогне. И тој и обезбдувањето. Го убедуваат докторот да помогне, а нам докторот ни вика полиција, демек сме се карале во болницата. Конечно, на чичкото му беа преврзани раните, а докторот вика на обезбедувањето да повикаат полиција за да нѐ избркаат од болницата. Успеавме да го сместиме бездомникот во Црвен Крст и денеска во текот на денот треба да отиде на преглед во болницата. Водиме борба со институциите, болниците, ладното… Го испраќаме чичкото… Барем полицијата не се појави…Заминуваме. Ми останува грутката во грло. Ми се плаче. А, во глава ми одѕвонува прашањето: Каде ја изгубивме човечноста?“ – тврди Матовска.

„Фокус“ стапи во контакт и со директорката на хируршката болница, Јасминка Чабуковска која вината ја префрли на луѓето кои го донеле бездомникот во болницата, тврдејќи дека тенденциозно предизвикале кавга, наводно многу загрижени за бездомникот.

– Тој доаѓа и го третираме кај нас од 2012 година, што значи цели пет години. Не можеме да го хоспитализираме пет години во болницата, плус тој има рани кои се инфицираат со што може да се пренесе на другите наши пациенти. Ние не сме социјална установа, ниту шелтер. Таму треба да се јават за да го згрижат човекот. Ние нашето го правиме – истакна Чабуковска.

Ирена МУЛАЧКА

 

Поврзани новости