Пишува
Ана ПАНОВСКА
Овој пат емисијата, Без наслов, но со смешен повод, предизвикан од едно смежурано чоече со маслосано инкасаторско ташниште, во кое ги носи сметките, пардон, пресметките со непокорните, ќе ја започнеме, почитувани гледачи, со едно големо „МРШ“ !
Ја имав таа професионална среќа новинарската кариера да ја почнам во школата на големиот новинар и тогашен главен уредник на информативната програма на МТВ Диме Костовски-Циго. А, ја имав среќата и подоцна кога јас станав главен уредник на информативната програма да бидам професионално опкружена со сјајни млади новинари , со немирен дух и луда храброст, напред од векот.
Вриеја од идеи, копја кршеа ако се обидеш да ги гушиш и убедуваш. За нив не постоеаја „табу“ теми, напротив таквите теми професионално ги скокоткаа и ја предизвикуваа нивната новинарска љубопитност. А, беа многу млади. Јадранка Костова, Гордана Стошиќ, Оливера Трајковска, Горан Величковски…
Со нив се роди престижната емисија „Без наслов, но со повод„.Едно немирно ТВ чедо кое завршуваше со мој потпис, и кое знаеше понекогаш да ми предизвика и лутина и главоболки заради нивната инаетлива своеглавост, непокр и огромна глад за професионална новинарска слобода. Е, во таа слобода спаѓа и извиканиот „Дуел“ на Јадранка Костова меѓу тој Цеков(македонскиот Бугарин) и Јованче Донев(македонскиот Македонец). Немаше можеби да се создаде толкав прашина околу тоа ако Јованче Донев во тој дуел не се подизгубеше , комплетно, така што Јадранка за првпат ја напушти вообичаена неутралност на водителот кај дуелите и почна да му помага на Донев за да ја извади емисијата.
Е, сега се јавуваа после емисијата некои луѓе од власта со разни барања за суспензии, па и за мое заминување заради тоа што како главен уредник не сум можела џуап да сторам и да ги ставам на ред децата од „Без наслов, но со повод“. Ние не обрнавме внимание на сето тоа и ги издржавме притисоците кои, да се разбереме, во споредба со овие денешниве беа навистина „мачкина кашлица“ ! Редакцијата на „ Без наслов..“ беше навистина едно такво врталиште, просто спонтана трибина за слободоумни дискусии со боемски шмек, каде што со задоволство навратуваа повеќе луѓе што сакаа да си го острат умот и со најпериферни теми.
Оттука не обрнав баш многу внимание кога Јадранка се пожали, кај мене како главен уредник, на некој си Перев,организатор, што постојано им навраќа во редакцијата и ги провоцира новинарите, а богами и гостите пред емисијата, на кои им пропагирал секакви глупости околу бугарштината и македонскиот народ. Мојата прва реакција беше: „ а бе мавнето го оттука тој провиден провокатор, кој шета по ходници и сите го знаат. Гледајте си работа, ништо не ви може. Ако, пак, и понатаму ви досаѓа пријавете кај надлежните луѓе нека си ја проверат работата“. Така се заврши таа, ама баш, периферна епизода од секојдневието на „Без наслов,но со повод“, И, сега, оп! Лустрација!
За што бе, лустрација?
А, бре лустратори, бидете вешти, умешни, потрудете се, помачете се, да прикрпите нешто што ќе може некако со многу,многу вода да се голтне. Вака застанува во грлото! Не оди ни напред, ни назад.Нарачателите нема да бидат задоволни, а и вашата одговорност нема да биде неодредна! Така е само кај децана во грдинка кога растегнато, неодредено се жалат :„учителке оовоој се теепааа!
Умната учителка праша што му текнало сам себе да се тепа !? Ама не! Мене ме тепа! А, така кажи?“ Така и вие ќе морате да кажете кој ве тепа, се едно, кој ве плаќа за вака да ги бербатите луѓето! Туку јас, како тврд противник на комисијата за лустрација и заговорник за нејзино укинување, објавувам: СЕ ПИШМАНИВ“, нека си стои!
Можеби привремено ќе притреба во следниот период кога ќе почне вистинското, големо прочистување на нацијата…