Без надомест би работел како пожарникар, градоначалникот да одговори зошто сум игнориран, вели штипскиот хуманитарец Горгиевски

by fokus

Штипскиот хуманитарец и поранешен пожарникар Александар Горгиевски го регистрираше своето хуманитарно здружение ,,Подај рака, спаси живот” за кое вели дека ќе им помага на социјално ранливите категории на граѓани, на болните луѓе и на самохраните родители.

Тој го сврте кон себе вниманието на јавноста, кога пред една година се врати од Швајцарија и започна со организирање на акции за помош на негови сограѓани.
Се започна кога случајно на улица забележал босонога старица, во лоша состојба, за која на крај се испоставило дека во минатото била позната професорка во градот. Поради годините, не можела да се грижи за себе и живеела во лоши услови, а Горгиевски заедно со неколку волонтери и го среди домот, и и обезбеди здравствена нега.

Потоа следеа низа на акции за помош на луѓе кои се нашле во незавидна финансиска состојба, организираше реновирање на нивни домови, а моментално работи на изградба на куќа во село Ерџелија, Свети Николе, на семејство кое живееше во многу лоши услови.

За ,,Фокус” тој вели дека продолжува да работи така, како што најдобро знае. Целта на здружението била да помогне таму каде што институциите затаиле, и вели дека кај него важи паролата: Ветено – сторено.

-Изминатите 20 дена сум постојано на терен, во тек е акцијата за изградба на куќа на семејство во Ерџелија и работата напредува добро. Со здружението продолжувам да помагам секаде каде што треба, јавно објавувам се што сме изработиле, и верувам дека на многу луѓе ќе им помогнеме и во иднина – раскажува Александар.

Сепак, појаснува дека изминатиот период се соочува со една немила ситуација, и бара јавен одговор од штипскиот градоначалник Сашко Николов, по повод неговиот случај.

-Во минатото работев како пожарникар, цели девет години. Сега се понудив повторно да работам како пожарникар, бидејќи знам дека има дефицит на пожарникари во општината, а мој предлог беше целата моја плата да биде пренасочена во Црвен Крст, би работел без надомест, поради мојата желба да бидам од корист за граѓаните.
Официјално, пратив барање до градоначалникот, но не сум добил никаков одговор. Имам сознанија дека е планирано вработување на 56-годишен човек без искуство на таа позиција, а истовремено јас сум игнориран. Го нудам моето искуство и желба за работа, се откажувам од платата и барам таа да се доделува на социјално загрозени луѓе, и навистина не знам што треба човек повеќе да понуди? Се надевам дека барем заслужив одговор од надлежните, нека повелат јавно нека кажат што би било спорно да започнам со работа како пожарникар-прашува штипјанецот.

Додава дека мора да се прекине праксата да се вработуваат луѓе по партиска линија, и дека конечно треба да се започне да се цени работоспособноста и квалитетите со кои располагаат кандидатите, за било кое работно место да станува збор.

Вики Клинчарова

Поврзани новости