Популарниот рок состав Ареа ја промовираше песната ,,Јаве или сон” која ќе се најде на новиот албум ,,Љубов е”, кој наскоро ќе биде достапен за нивните обожаватели.
Станува збор за седми по ред албум на бендот, и ќе содржи единаесет песни.
Инаку, спотот за ,,Јаве или сон” е во режија на Александар Ристовски, а вокалистката на бендот, Ружица Милошеска Брчиоска, која е на возраст од 54 години, едноставно блеска.
Рокерката која испеа низа на хитови и во три децениската музичка кариера остави белег на естрадата, изгледа како да има барем дваесет години помалку. Ја задржала витката линија, но и енергијата на сцена.
Таа е во брак со музичарот Ивица, кој е автор на хитовите на бендот, и ја имаат ќерката Елена. Животот го минуваат во родниот Гостивар, каде Ружица работи како електроинженер во ЕЛЕМ.
Околу тоа како успева да изгледа младолико и во топ форма, таа во претходно интервју за ,,Фокус” ја откри тајната. На изненадување, кажа дека воопшто не вежба и не посетува фитнес центри, но многу се движела.
Според неа, начинот на исхрана имал најголемо влијание, не само за физичкиот изглед, туку и за доброто здравје.
Повеќе од 20 години Ружица е вегетаријанка, првенствено поради нејзиното уверување дека животните не се тука за да ги јадеме, туку да ни помогнат да се осознаеме себе си. Не држела диети, туку научила колку храна да внесува, со цел константно да ја одржува линијата.
-Се трудам да се хранам здраво, односно да внесувам се што ми е потребно и тука нема некоја филозофија. Но пред се, се трудам да бидам умерена и постојана во исхраната-раскажа Ружица.
Во видео записот за ,,Јаве или сон” покрај неа, се појавува и боди билдинг шампионката Катерина Попева. Бендот изминатиот период имаше настапи во Куманово и Битола.
Вики Клинчарова