Веднаш спроти Веро Центар, пред некоја недела некој си го направил пуздер автомобилот. Собрал сѐ што имало на тротоарот: седум бетонски столпчиња, цвеќе, жардиниера. Ги откорнал од бетонот.
Против двоен бетон ја добил битката со моќната машина што ја управувал. Но, го загубил животот.То мајсторе, би му кажал некој на непознатиот. По пластиката расфрлена наоколу се гледа дека браникот е од црн автомобил со јака каросерија, па имало пластика и каросерија за кршење. Инаку, би било нешто тука и таму, ситно растурено.
Јако им се втурил на столпчињата. Било ноќ, па немало минувачи на тротоарот, на кој преку ден врие од луѓе. Зашто кога тргнал да собира камења, тој би собрал со себе и би однел во неврат сѐ што ќе му се нашло на патот, и маче, и куче, и човек. Како што се случи кај „Зебра“.
Агресијата е последица на несигурноста. И кај моќните и кај немоќните. Кај првите зашто имаат сѐ, кај другите дека немаат ништо. Едните ги влечат нозете кога чекорат, другите се на тркала.
Кога власта ја третира државата како дневна соба, во која има место само за едно семејство, нормално е дека така ќе се однесуваат и нејзините пулени. На улица како да се дома, на спортски натпревар како да се на мал фудбал, во дискотека како на приватна забава. Агресијата нѐ маѓепса, надминува се што е добронамерно и човечко.
Кога нашите спортисти почнаа да победуваат, сите се израдувавме. Навивачка атмосфера, кошарка, ракомет. И види чудо. Се наполнија салите со деца облечени како војниците од славната фаланга. Им врзаа шалови со натпис, им ставија шлемови на главата, ги испошараа по лицата, врескаат татковците и мајките, врескаат и децата.
А што друго да прават. Не им е баш јасно што е работата, но се заиграа и заборавија. Се поистоветија со родителите, па предвидливо е дека ако патуваат најмалку до Франција на еден натпревар и се маскираат во војници од Александровата војска, утре ќе посакаат навистина да се покажат како воини.
Ќе се тепаат за автомобил, за пари, за жена, за работно место, ќе се внесуваат во лице со очи полни конјуктивит. Сѐ да е нивно. Слично како што сега си мислат дека во дневната соба, во каква што ја претворија државата, има посебен режим.
Во државата – соба, сексот мора да биде корисен, храната здрава, жената туѓа, децата свои, мебелот скап, фризурата диктаторска, косата обоена, облеката скапа, автомобилот државен, шоферот приватен.
А детето едвај пркнало две педи од земја. Веќе како воин влегува во арената. Арена ја крстија спортската сала. Како спортот да не мрднал подалеку од неговиот предзнак гладијаторството.
И треба борни коли и панциросана полиција да ги брани навивачите од различните табори и спортистите од навивачите, во нешто што се нарекува „пријателски“ натпревар. Како и сѐ друго.
Каде и да одиш, насекаде се сопнуваш од нивниот вкус, желби, начин на размислување. Бетонски столб или човек, исто им е.
Кој е ефектот? Сите за еден, еден за себе. Ене го онде на улица. Во седум бетонски столбови што ги собрал некој со својот моќен автомобил со стотка на час. Не сомневајте се дека и живо суштество толку би му значело, колку и бетонскиот столб.
Како ќе заврши приказната? Па, на столбот на срамот. Сега недолжен народ завршува на плутани ѕидови, на насловни страници во ќелии или на гробишта. Утре, токму овие, нарачателите на „спростирањето“ по столбови на срамот, ќе завршат заедно на слично место со конечен ефект. На столбот на срамот на историјата.