Заев во посета на Израел

by Фокус

Зоран Заев, лидер на најголемата опозициска партија – СДСМ, во периодот што следува ќе оствари посета на Израел, каде треба да се сретне со претставници на државно-политичкиот врв на оваа држава, потврдија за Фокус од партијата, најавувајќи дека точниот термин и агендата ќе ја сопштат во текот на претстојниот викенд.

Оваа посета привлекува внимание со оглед дека една од низата „бомби“ што ги објавуваше Заев се до постигнување на договорот за надминување на политичката криза се однесува на, според него, корупциски скандал поврзан со набавка на опрема за прислушување од страна на македонското Министерство за внатрешни работи токму од Израел.

Обjавувајќи прислушувани телефонски разговори, СМС-пораки и писмена документација, опозицискиот лидер тогаш изјави дека во центарот на оваа афера е поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, кој, според Заев, побарал провизија од Израелецот Haim Hakeyny во висина од половина милион евра само за да почне да преговара за набавка на опремата.

Притоа, сдмсовскиот лидер Заев додаде дека покрај оваа сума, Мијалков подоцна добил дополнителни 840.000 ера од Hakeyny, кој, патем, бил чест гостин во Македонија во истиот период кога била набавена опремата.

Мијалков ги демантираше ваквите тврдења на политичкиот опонент, нарекувајќи ги лаги и конструкции, бидејќи, стои во неговата писмена реакција, не станува збор за никаков поткуп или корупција, туку за договарање и следење на процедурите околу донацијата која што го добило МВР во износ од 5.557.377 евра за опрема за специјалните единици.

Исто така, со реакција се јави и МВР, од каде истакнаа дека за ваквата донацијата за опрема за припадниците на специјалните единици на полицијата постои и официјален Договор за донација кој е класифициран со највисок степен како државна тајна.

Поврзани новости