БЕТИНГ

by fokus

Оваа власт си го наследи тефтерчето на Горде и љубоморно го чува. Сем Јово, Панчевски и Зврлевски ама баш никој од сваровски/тефтер судиите и обвинители не беше ниту разрешен, а камоли да говориме за одговорност

Јанаки МИТРОВСКИ

Долгонајавуваната реформа во правосудството никако да започне. Иако дежа ву ветување од пред три години, СДСМ како најголема владејачка партија се мисли, се туфка, се фемка како најевропски да ги изведе, клучните реформи. Клучни, не само за ЕУ патеката, туку и за квалитетот на живот за нас глупавите кои останавме да чмаеме во “нашата Република”.

Кога сме кај дежа ву, реформи во судството слушаме од устите на корумпирани политичари од самата независност на Македонија или безмалку три децении. Нема власт која не се сили дека токму таа ќе го “среди” судството и правосудството, но секому со просечен „ај кју“ му е јасно дека судството е влажен сон на секоја власт.

ТЕФТЕРЧЕТО НА ГОРДЕ

Да тргнеме во поблиското минато, неспорно е дека ДПМНЕ, преку матузалемот и вечен правдољубец Михајло Маневски создаде систем на страховлада помеѓу судиите и обвинителите. Бирањето и напредувањето во судско-обвинителската фела зависеше од тефтерчето на Горде, одлуките на Врховен од волјата на Сашо, а разрешувањето од ќеифот на Филимена. И неспорно е дека ова беше една од главните причини за незадоволство помеѓу плебсот.

Иако полни усти реформи, ред, правда и дисциплина, новата (веќе и не толку нова) извршна власт заглиба. Првенствено се ветуваше ревизија на сите пресуди. Чудно, ова наиде на поддршка кај одредени мои колеги, без да дадат појаснување како тоа вон судско, политичко тело ќе прави упад во судската власт и ќе ги ревидира пресудите мимо нашиот уставен систем. Настрана фактот што буквално зборуваме за стотици илјади пресуди.

Оваа власт си го наследи тефтерчето на Горде и љубоморно го чува. Сем Јово, Панчевски и Зврлевски ама баш никој од сваровски/тефтер судиите и обвинители не беше ниту разрешен, а камоли да говориме за одговорност.

Поранешната министерка за правда се правдаше дека законски е предвиден апсолитен рок од три години по сторена повреда за покревање постапка за разрешување, и бидејќи тие рокови се пробиени чаре немало.

БУРЛЕСКИ

Точно, формално Професор Дескоска е во право, но не и суштински. Она што требаше да се направи е да се покренат кривични постапки за злоупотреби при бирање на тефтер судии и обвинители во услови кога беше јасно дека има незаконити влијанија при нивните избори. Но, на оваа власт, како и на секоја претходна, очигледно и се потребни валкани извршители, кои сосема лесно менуваат дрес.
Затоа сега е актуелна темата на ветинг на судиите. Како е тоа замислено сеуште не чувме детално, но секако не сум оптимист, водејќи се од децениското учество. Власта ќе го проверувала имотот на судиите, бре бре. Небаре ако е некој корумпиран, пари прима на трансакциска сметка. Бурлески.

Но затоа ветингот ќе ги одмине сите оние кои се огрешија од законот, а изиграа за власта. А такви примери не се малку. Најтазе е поранешната пратеничка Рангелова, за која на Јавниот Обвинител после три и пол години судење, пред завршни зборови му стана јасно дека “нема дело” и го повлече обвинението. Кој ќе ги плати судските трошоци? Буџетот нормално.

Вакви примери има цел куп. Вратарот Крсто Муковски, кој не само што не лежеше туку сеуште добива тендери, синот на Авировиќ за кој Кривичниот Законик беше менуван, Елизабета Камчевска Милевска ќе си ги задржи скапите чанти, а општо познато е дека поранешниот моќник од тајнта полиција е бизнис партнер на новата власт. Јак ветинг, нема збор.

Поврзани новости