Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милеска и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, првоосомничени во новите два случаи на СЈО, денеска не се појавија на распит во Кривичниот суд.
Од судот соопштија дека го добиле предлогот на СЈО за определување мерки за претпазливост на двајца од осомничените во „Тендери“, но не кажаа дали распитот ќе биде денеска.
-Предлогот е распореден кај судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1, кој треба да ги повика лицата за кои се однесува предлогот за да се произнесат во врска со него, а за сите нови дејства поврзани со наведениот предлог, јавноста ќе биде дополнително информирана- стои во соопштението од Судот.
Претходно, од СЈО побараа мерки на претпазливост за двајцата осомничени поради опасност дека лицата може да ја напуштат земјава.
Инаку, во случајот „Тендери” прваосомничена е министерката Канческа- Милеска, за која СЈО твдри дека има докази за проневерени еден милион евра, со коруптивни тендери во изградбата на Музејот на ВМРО. Клучен сведок е директорот на фирмата „Бетон Штип” која ги изведувала градежните работи.