СЈО си замина од УБК, одземен дел од документите за масовното прислушување

by fokus

По 48 часа во Управата за безбедност и контраразузнавање, специјалните обвинители си заминаа со дел од податоците од системот за следење на комуникациите, како што се податоци за Посебни истражни мерки (ПИМ) и книга за нивна евиденција.

Оттаму велат дека останува уште да се одземат компјутерските податоци за кои била потребна асистенција од надворешен експерт.

-Одземени се сите наредби за Посебни истражни мерки за следење на комуникациите и книгите за евиденција како и бараните компјутерски податоци од системот за следење на комуникација. Останува да се изврши дополнително одземање на компјутерските податоци за кои е потребна асистенција од надворешен експерт и очекуваме во наредниот период да се изврши и тој дел од наредбите- стои во соопштението на СЈО.

Во следните денови СЈО треба да ги добие и тие податоци, со што ќе ги комплетира сите информации кои им се потребни за да истражат кој прислушувал и кој бил прислушуван.

Инаку, СЈО пред два дена во УБК влезе со налог од Кривичниот суд и ги побара сите податоци за броевите кои биле маркирани во УБК и кои се прислушувале во период од 2008 до 2015 година.

За време на престојот во УБК, од СЈО неколку пати се пожалија на опструкции во собирањето докази од страна на Управата, која одбивала да соработува и да го спроведе судскиот налог.

Поврзани новости