Бесплатни здравствени прегледи за сите граѓани утре во Skopje City Mall

by fokus

По повод Светскиот ден против пушењето 31ви мај, Skopje City Mall во соработка со ЈЗУ Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза утре ќе организира бесплатни тестови за сите граѓани.

Од 10 до 13 часот медицинска екипа на ЈЗУ на приземјето во Skopje City Mall ќе ги изведува следните медицински тестови:

Одредување на присуство на кислород во крвта (изразено како сатурација со кислород во проценти) со помош на апарат – пулсоксиметар.

Одредување на вредноста на максималниот експираторен проток (индивидуална способност за издишување на што поголема количина на воздух од белите дробови) изразен како ПЕФ со апарат пикфлоуметар.

„Секоја година на овој ден сме домаќини на Институтот за белодробни заболувања и навистина нѝ претставува чест и задоволство што токму тука стотици граѓани секоја година ја користат можноста да направат испитувања. Се надеваме дека со ова допринесуваме за зголемување на свеста кај населението за штетните последици од пушењето.“ – изјави Дарко Панчевски од Skopje City Mall.

Сите граѓани на пултот ќе имаат можност да пополнат прашалник со општи податоци за пушачките навики (стаж, број на дневно испушени цигари, присуство на кашлица и сл), а со помош на медицинските лица ќе ги пополнат и двете листи кои што се однесуваат на пушачите и можноста да пресметаат колкави се нивните трошоци за пушењето и кои се придобивките ако се откажат од пушењето.

Доколку при првото испитување граѓаните добијат вредности поголеми од 7 тогаш ќе им бидат направени и другите наведени испитувања со цел да се добијат сите дополнителни информации за нивното здравје.

Поврзани новости