БЕГ: Ниските темепратури ја зголемија испораката на топлинска енергија

by fokus 12:16
12:16

Како резултат на ниските температури во грејната сезона 2016/2017 година од Снабдување со топлина Балкан енерџи информираат дека била испорачана топлинска енергија повеќе од прогнозираното, а грејната сезона траела и 16 дена подолго од вообичаеното.

-Екстремно ниските температури во текот на зимата ја зголемија испораката на топлинска енергија во централниот систем за топлинска енегија во Скопје. Како резултат на ниските температури, во грејната сезона 2016/2017 година до потрошувачите биле испорачани 507.906.124 kwh, а предвидени биле 480.235.185 kwh, согласно прогнозите направени во август 2016. Зголемената испорака на топлинска енергија пред сè е резултат на екстремно ниските надворешни температури измерени во одделни месеци кои во одредени денови се симнаа до минус 21 степен целзиусов како и невообичените ниски температури во октомври и април, заради што и грејната сезона започна порано и заврши подоцна од вообичаеното, велат од БЕГ.

- Advertisements -

Оттаму додаваат дека грејна сезона 2016/2017 започна на 5 октомври, за разлика од вообичаениот старт на 15 октомври. Истовремено, грејната сезона траеше и подолго од вообичаениот термин – 15 април, и годинава траеше до 24 април. Ова значи дека годинава грејната сезона траела 16 дена подолго, односно наместо 183 дена, траела 199 дена.

-Поголемата количина на испорачана топлинска енегија до потрошувачите од прогнозираната, ќе биде нивелирана во сметките што потрошувачите ќе ги добијат во текот на мај, јуни и јули, кога вообичаено се врши порамнување, помеѓу прогнозираната и реално испорачаната топлинска енергија. Висината на порамнителните сметки е различна за секој потрошувач и зависи од карактеристиките и енергетската ефикасност на објектот и секако од количината на испорачана топлинска енергија во согласност со надворешните временски услови, велат од БЕГ.

Оттаму додаваат дека потрошувачите во текот на целата година во своите сметки добиваат податок за тоа колку енергија потрошиле, во споредба со месечниот паушал и колкава е разликата помеѓу потрошената и прогнозираната топлинска енргија. Ако при порамнувањето се утврди дека е потрошена повеќе топлинска енергија отколку што авансно е пресметана, тогаш разликата ќе биде распределена на три еднакви рати и соодветно фактурирана во сметките за месеците мај, јуни и јули. Ако пак потрошувачот авансно платил повеќе отколку што е утврдено при мерењето на потрошената топлинска енергија, тогаш разликата ќе му биде вратена на неговата трансакциска сметка, доколку нема заостанати долгови.

-Согласно со законската регулатива, сметките/фактурите за топлинска енергија се состојат од надоместок за ангажирана топлинска моќност (фиксен дел) и надоместок за топлинска енергија (варијабилен дел). Фиксниот дел од сметката/фактурата зависи од ангажираната топлинска моќност, додека варијабилниот дел зависи директно од количината на потрошена топлинска енергија на мерното место. Потрошувачите што ја плаќаат топлинската енергија на 12 месечни рати, од август во тековната година, до април следната година добиваат месечни сметки/фактури, во кои покрај фиксниот дел, им се пресметува и авансен варијабилен надоместок. За месеците мај, јуни и јули 2017-та, овие потрошувачи ќе добијат фактури во кои е извршено порамнување на варијабилниот дел и на фикскиот дел согласно со законската регулатива. Ова порамнување е во согласност со разликата помеѓу евидентираната потрошена топлинска енергија во грејната сезона и авансно фактурираниот износ во перидот од август 2016 до април 2017, појаснуваат од БЕГ.

Оттаму велат и дека количината на испорачаната на топлинска енергија и времетраењето на испораката се одвива согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија и Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија, донесени од Регулаторната комисија за енерегика која носи конечна одлука за почеток и крај на грејната сезона.

-Снабдувањето со топлинска енергија на тарифните потрошувачи може да биде започне пред 15-ти октомври и да биде продолженo по 15-ти април, доколку прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е еднаква или помала од 12 степени Целзиусови, според податоците од Управа за хидрометеролошки работи на Република Македонија. Грејната сезона може да биде продолжена најмногу до 1. мај, велат од БЕГ.

Поврзани новости