Бесплатен пет-дневен одмор вон сезона ќе добијат 4.000 семејства

by fokus

Семејствата кои имаат вкупен месечен приход од 22.000 денари ќе имаат можност да аплицират за субвенциониран пет дневен одмор надвор од сезона во центри на Република Македонија. За оваа мерка Владата обезбеди 60 милиони денари со ребаланс на Буџетот, или по 15.000 денари за семејство. Поволноста ќе можат да ја искористат околу 4.000 семејства, велат од Владата.

-Министерството за економија во наредните денови ќе објави два јавни повици и тоа: Еден за пројавување интерес на угостителските објекти кои ќе ги примат потврдите издадени од страна на Министерството за економија и еден повик за добивање на потврда за организирање на одмор за работниците со пониски примања, односно со примања до 22 илјади денари по семејство – изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Според плановите на оваа мерка одморот ќе биде организиран во период не повеќе од пет дена, а од министерството потврдите ќе се издаваат по принципот „прв дојден – прв услужен“.

Според директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Александар Донев со мерката од една страна државата им овозможува на работниците со ниски приходи да користат субвенциониран годишен одмор, а од друга страна се овозможува продолжена туристичка сезона што претставува раздвижување на туризмот

Рокот за прием на апликации за сместувачките туристички капацитети е до 5 септември, оваа година.

Поврзани новости