Бесими: Ребалансот на буџетот до крајот на седмицата

by Fokus

Ребалансот на буџетот се очекува да биде готов до крај на неделата, да се достави до Влада и веќе следната недела да влезе во собраниска процедура, најави министерот за финансии Фатмир Бесими. Со ребалансот ќе се обезбедат дел од средствата за реализација на мерките од четвртиот антикризен пакет, а воедно средствата ќе се насочат од позиции кои имаат послаба реализација кон позиции што ќе ја поттикнат економската активност.

-Директни фискални импликации од четвртиот пакет антикризни мерки се 160 милиони евра. Дел од нив ќе се покриваат преку ребалансот, односно со кратење таму каде што има можност, каде што се гледа дека до крајот на годината позицијата нема да се реализира. Останатиот дел ќе се покрива со задолжување. Тоа е начинот на финансирање на целиот пакет. Првите подготовки за ребалансот ги правевме во Министерството за финансии, но се чекаше точната бројка на пакетот. Во моментот се работи во Министерството за финансии и до крајот на неделата се надеваме дека ќе го заокружиме ребалансот. Штом ќе помине на Влада, наредната недела ќе биде веќе во собраниска процедура, односно ќе биде пратено во Собранието,  вели Бесими во интервју за вестите на Сител.

Во однос на тоа каде ќе се крати од буџетот, Бесими истакна дека бројките не треба да останат само на хартија, односно дека ќе се кратат средства од оние позиции каде има помала реализација и средствата ќе се насочат кон оние позиции што ќе придонесат кон економската активност.

Таму каде што очигледно нема да се реализираат ставките до крајот на годината, нема зошто тие средства да останат во буџетот само за да стојат на хартија, туку тие треба да се реализираат. Само така буџетот ќе има ефект врз растот во наредниот период. Министрите ќе бидат изложени на тој притисок на добро планирање, успешна реализација на проекти. Соодветно на тоа ќе предвидиме механизми како тие кои се поуспешни во реализацијата да добијат повеќе средства, а тие кои имаат послаба реализација – секако дека тие средства нема да им бидат потребни. Низ процес низ годината во текот на реализација на буџетот ќе се прилагодат капиталните инвестиции, рече Бесими.

Поврзани новости