Стоковите резерви се стабилни, има доволно државни резерви и во моментов нема потреба од нивно ставање на располагање, вели министерот за финансии, Фатмир Бесими за „Тема на денот“ што се емитуваше вчеравечер на Сител телевизија.
Тој потенцира дека уште од првиот ден од нападот во Украина, одржана е итна седница на Владата на која се разгледани сите аспекти, а како една од точките за кои се дискутирало било и за стоковите резерви.
-Има доволно и на соодветно ниво на државни резерви, но и потребни количини на пазарот. Преку Министерството за земјоделство имаме информации колку резерви има од трговците и апсолутно нема простор за шпекулации, вели Бесими.
Притоа, нагласи министерот, зголемувањето на пензиите нема да подразбира зголемување на придонесите.
-Ние имаме најниски цени во регионот, но тоа не значи дека не работиме на можни мерки. Веќе се работи на дизајнирање мерки за справување со кризата како резултат од порастот на цените на прехранбените производи и на енергенсите, особено зајакнати по руско-украинската војна. Утре на Економски совет на Владата, свикан од претседателот на владата, во проширен состав заедно со надворешни експерти кои ќе дадат свој придонес ќе се дискутира за предлози на можни решенија кои ќе следат, за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на стопанството, рече Бесими.