Лидерот на БЕСА, Биљал Касами, на денешната прес конференција рече дека е разочаран од приоритетите на Владата во првите 100 дена.
Според Касами, оваа Влада исто како и претходната продолжила со партизација на државните институции, а новиот Закон за употреба на јазиците не претставува официјализација на албанскиот јазик, туку претставува само мало подобрување на можноста за користење на албанскиот јазик. Движењето БЕСА се уште нема свој член во ДИК, иако јасно во законот е определено дека како четврта најголема партија од последните парламентарни избори имаме право да имаме член. Процедурата е започната, но се уште нема решение како престојните избори ќе се организираат од легитимна изборна комисија, рече Касами.
Тој кажа дека Движењето БЕСА во првите 100 дена се обиделе да не се спротивставуваат на одлуките на Владата, но од денес натаму ќе реагираат на секоја одлука на оваа Влада која ќе биде во спротивно на интересот на граѓаните, особено на Албанците.