За Петар Богојески од иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ вчерашниот инцидент на прес конференцијата на партискиот лидер Никола Груевски, кога едно момче се онесвести и никој не му помогна, најпластично ја покажува состојбата која владее кај, како што вели Богојески, се уште присутните лица околу Груевски.
-Инцидентот на маратонските пресконференции на Груевски е само капка во морето. Покажува што направи, од тие прекрасни млади активисти, концептот на „лажовизмот” на Груевски. УМС е иднината на нашето ВМРО ДПМНЕ. УМС е нашата грижа. УМС е нашата совест. Не смее да се дозволи ваков третман кон членовите на УМС, кон иднината на ВМРО ДПМНЕ, кон иднината на Македонија. Мнозинството општински комитети на УМС се активно вклучени во процесот на реформи на партијата. Така им доликува, на младите им стои модернизацијата. Го повикувам и Претседателот на УМС Неловски, да го следи примерот на мнозинството активисти на УМС, и тој со свој придонес да се приклучи во иднината на ВМРО ДПМНЕ. Реформите го отвараат патот за УМС на ВМРО ДПМНЕ!, вели Богојески.
Инаку, момчето кое вчера се онесвести додека стоеше зад Груевски, е истото момче кое пред неколку месеци го плукна новинарот Борјан Јовановски.