Портпаролот на германското Министерство за внатрешни работи денеска ги отфрли обвинувањата на македонскиот претседател Ѓорге Иванов дека Германија не сакала да соработува со Македонија во размена на податоци за џихадистите и рече дека обвинувањата биле несфатливи со оглед на тоа што Македонија разменува податоци преку европските полициски власти (Европол).
Од Берлин денеска реагираат и на тврдењата на Иванов дека Македонија не добила ниту цент за бегалската криза. Портпаролот на германската влада Штефен Зајберт (на фотографијата) тврди дека Германија со голем ангажман работи на стабилизирање на западнобалканските држави. Според него, само за Македонија ЕУ за периодот од 2014 до 2020 година става на располагање 664 милиони евра. Освен тоа, како што вели Зајберт, Македонија од ЕУ има добиено 52 милиони евра за згрижување на бегалците.