Берачите на грозје ги намалија цените: И 2.000 денари ни се малку, ама ви дадовме попуст!

by Fokus

Со дневници од 1.400 до 1.500 денари за берба на грозје од шест часот наутро до 12 на пладне, излегоа берачите оваа сезона. Поручек пак, првично наплаќаа по 300 денари од час.

Како образложение за покачените дневници, кои лани изнесуваа 1.200 денари за шест часа работа од утро, и по 200 денари од час попладне, ги наведуваа покачувањата на основните животни продукти.

Станува збор за групи на берачи од Штип, Кочани, Струмица и други општини, кои традиционално секој гроздобер доаѓаат во Тиквешијата и остануваат по околу два месеци.

Новиот ценовник наиде на револт кај лозарите, по што лозари и берачи организирале состанок во кавадаречко Сопот. Излегоа со нов договор околу дневниците, 1.200 денари за берба од 6 до 14 часот.

Сепак, не сите берачи ја почитуваат новодоговорената цена. Група на берачи од Кочани кои престојуваат во Неготино, за ,,Фокус” велат дека најмногу можат да намалат до 1.300 денари, но за берба до 12 часот, а потоа за секој дополнителен час бараат по 250 денари. Исто така, бараат и обезбеден појадок и превоз.

Земи или остави е понудата, посебно во период кога бербата е во ек, па лозарите повторно се доведени пред свршен чин, бидејќи тешко се наоѓаат берачи во Тиквешијата.

-Кој смета дека му е многу скапа нашата дневница, нека си бери сам. И 2.000 денари е малку за оваа работа, плаќаме за сместување, имаме трошоци, велат берачите.

Речиси сите групи на берачи, од лозарите бараат да им обезбедат превоз до лозјата и назад. Повеќето бараат и обезбеден оброк.

 

Околу тоа колку килограми грозје може да набере едно лице за време од шест часа, зависи најмногу од сортата на грозје, односно од големината и цврстината на гроздаците. Така на пример, за најзастапените сорти на грозје, смедеревка и вранец, за шест часа еден берач може да набере од 400 до 600 килограми, секако доколку работи вредно, без многу паузи. Берачи кои одат заедно со цела група, многу често водат со себе и деца на возраст од 11-12 години, а и за нив бараат иста дневница.

Како што појаснуваат лозарите, 400 килограми смедеревка, за која годинава откупната цена е 13 денари за килограм, изнесува 5.200 денари. Кога на таа сума ќе се одбие дневницата на берачот, но и сите трошоци кои ги имаат околу производството, велат дека за нив не останува доволно, па не треба да изненадува фактот што секоја година се повеќе лозари се решаваат да ги ископачат лозјата.

 

-Дали смислено се оди кон тоа, да се искоренат овие сорти на грозје, смедеревката и вранецот, а да се произведуваат само високи сорти како темјаника, ризлинг, шардоне… Друго објаснување немаме, а ако е така, тоа треба јасно да им се каже на земјоделците. Не е прифатливо една ќеса за пазарење да се продава по цена од 15 денари, а исто толку да чини и килограм вранец. Смедеревката пак, е поевтина и од празна ќеса- реагираат лозари.

За време на викендот во Неготино се одржа и предупредувачки протест од страна на лозарите, кои се незадоволни од откупните цени, а кои секоја година протестираат дури откако ќе започне бербата.

Вики Кличарова

Поврзани новости