Бела куќа: Бајден доаѓа во Европа во средината на јуни

by Fokus

Американскиот претседател Џо Бајден ќе ја посети Европа кон средината на јуни, што ќе биде негова прва посета во странство по стапувањето на должноста, соопшти Белата куќа.

Бајден, кој стана претседател на 20 јануари, за време на посетата што ќе трае од 10 до 16 јуни, ќе се сретне со лидерите во Велика Британија, Белгија и Швајцарија, објави „Гласот на Америка“.

-Оваа посета ќе покаже дека САД се посветени на обнова на сојузите, ревитализација на трансатлантските односи и тесна соработка со нашите сојузници и мултилатерални партнери за справување со глобалните предизвици и подобра заштита на американските интереси, изјави портпаролот на Белата куќа, Џен Псаки.

Американскиот претседател ќе се сретне со британскиот премиер Борис Џонсон на 10 јуни и ќе учествува на Самитот на Г-7 од 11 до 13 јуни во Корнвол на југозападот на Англија.

-Бајден ќе се сретне со кралицата Елизабета во замокот Виндзор на 13 јуни, пред да отпатува за Брисел на Самитот на НАТО на 14 јули, кога „ќе ја потврди посветеноста на Соединетите Држави кон НАТО, трансатлантската безбедност и колективната одбрана, рече Псаки.

Во Брисел, Бајден исто така ќе се состане со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за да разговара за „низа билатерални и регионални прашања“ и да учествува на Самитот САД-ЕУ на 15 јуни, кога лидерите ќе разговараат за меѓународната здравствена состојба, глобалното економско закрепнување, климатските промени и други прашања.

Бајден, исто така, ќе има средба со белгискиот крал Филип и премиерот Александар де Кром.

За време на престојот во Европа, Бајден ќе ја посети и Швајцарија, каде што на 16 јуни во Женева ќе одржи билатерален самит со претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, рече Псаки.

Бајден ќе се сретне и со швајцарскиот претседател Гај Пармелин и министерот за надворешни работи Игнасио Касис.

 

Поврзани новости