Интервју со Тања, сопругата на Игор Ангеловски – Мрме: Тој е мојот ,,Последен Мохиканец”!

by Fokus

Изминатиот период, а секако и периодот кој ни претстои, започнувајќи од 13-ти јуни, кога нашата фудбалска репрезентација ќе дебитира против Австрија во Букурешт на ЕП, погледите на јавноста се свртени кон кормилото на репрезентацијата, Игор Ангеловски – Мрме. Човекот под чие лидерство се случи историскиот пласман на македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство, во ова интервју ви го претставуваме преку очите на неговата животна сопатничка, најголем другар и верен поддржувач во добро и лошо.

Неговата сопруга Тања, мајка на нивните три деца, близнаците Лука и Луна кои на осми декември ќе полнат 11 години и Леа, која на трети септември ќе наполни седум години, е жена која не ја крие неизмерната среќа поради успесите на сопругот.

По професија таа е дипломиран правник, вработена во МИОА, и вели дека е горда што е реализирана и професионално и приватно, како сопруга и мајка.

Интервјуто со Тања помина, што би се рекло, лесно како песна. Без завлекувања, договори и преговори, одложувања, што често знае да се случи со луѓе кои имаат премногу обврски. Таа е голем професионалец, кој во животот научил да го почитува времето на секој човек, па договорот за интервјуто ,,падна” за една минута, а истото се реализираше за час.

Љубезна, со голема верба во мисијата на нејзиниот сопруг, кого го запознала на свои 17 години, таа за читателите на ,,Фокус” раскажа како започнала нивната љубовна приказна, но и за заедничкиот пат до успехот, кој го чекорат заедно, водени од безусловната љубов.

Фокус: Како започна вашата љубовна приказна, кога се запознавте, како знаевте дека ова е тоа, вистинското? Кои се предизвиците кои ви ги донесе заедничкиот живот?

Ангеловска: Со Игор ме запозна мојата другарка Ирена со која учевме заедно во Средното економско -правно училиште ,,Борис Кидрич“, сегашно ,,Васил Антевски – Дрен” во далечната 1995 година на една случајна средба кога имав 17 години. Игор и тогаш и сега има негов препознатлив начин на комуникација и интригантен хумор. Секогаш кога е опкружен со луѓе тој го има главниот збор.
Кога имате сопруг кој работи јавна професија се соочувате со секакви животни предизвици, но сметам дека сите луѓе на денешницава се среќават со предизвици, не само јас. Вистина е дека најголемата подршка на Игор сум јас и нашите деца, спокојот и смиреноста ја црпи од семејството. Предизвик е да го земете целиот товар околу домот, воспитувањето на децата и секојдневните обврски на себе, но тоа јас го нарекувам безусловна љубов.

Фокус: Кога вашиот сопруг ја презеде фудбалската репрезентација, беше тоа тежок период за македонскиот фудбал. Верувавте ли во него, можевте ли да претпоставите дека еден ден ќе ја запише Македонија како учесник во Европското фудбалско првенство?

Ангеловска: Во врска со ова прашање ќе се навратам на периодот кога престана со неговата професионална играчка кариера. Многумина професионални спортисти кога ќе престанат да играат професионално не знаат што со себе. Со Игор тоа не беше случај, тој точно знаеше што му фали на Македонскиот фудбал. Во тоа време во фудбалскиот клуб ,,Работнички“ дојде до промена на сопственикот. Набрзо по формирањето на управата во клубот, беше повикан на разговор.
Игор имаше спремен план и стратегија во неколку фази за тоа како треба еден клуб да функционира. Тогашниот и сегашен претседател г-дин Драган Поповски му ја довери една од поважните функции во клубот, спортски директор.
Довербата ја оправда со макотрпна 12 часовна работа и го реализираше планот кој го имаше зацртано. По 5 години седна на тренерското столче на ФК Работнички и успеа да освои дупла круна во Македонската Фудбалска Лига. На местото селектор на А репрезентација според моето мислење во тогашното време беше најдоброто македонско решение затоа што Фудбалската Федерација на Македонија под притисок на јавноста и неуспесите на странските селектори, тонењето на ФИФА ранг листата мораше нешто да менува.
Најпрво беше поставен за помошник на Друлович, и по неговото заминување седна на чело на А селекцијата. Зарем ова не е доволно да верувам дека може да ја однесе Македонија на Европско првенство?
Од моето скромно професионално искуство од 16 години едно со сигурност можам да кажам, во било која професија концептот, ставот и карактерот се пресудни, вештините се учат и надоградуваат цел живот, но овие три карактеристики кои претходно ги набројав се пресудни меѓу другото за успех. Резултатите што потоа следеа и искачувањето на ФИФА ранг листата и пласманот на ЕУРО 2020 се историја.

Фокус: Имаше ли периоди кога потклекнавте, кога можеби сте му сугерирале да се откаже од својата мисија да направи тим за кој ќе слушне целиот фудбалски свет?

Ангеловска: Подршката за неговата работа секогаш ја имал од моја страна и ќе ја има и во иднина. Игор не дозволува така лесно некој да му сугерира. Проценката кој ќе игра ја прави исклучиво врз фудбалскиот учинок и човечките и карактерни особини на секој фудбалер посебно.
Малкумина знаат дека Игор води евиденција за секој фудбалер посебно години наназад. Кога и колку настапи имале за клубовите во кои играле, во која формација најдобро функционираат, позиции на кои би можеле да играат, нивната ментална подготвеност да се носат со притисокот и нивниот однос со останатите репрезентативци.
Патем речено ништо не остава на случајност.

Фокус: Вашиот сопруг е познат како Мрме во јавноста, но знаеме дека вие го нарекувате Последниот Мохиканец. Што значат овие два прекари?

Ангеловска: Првиот прекар и самиот не знае што значи, тоа му е прекар од детството во тинејџерските години кога од Кичево се враќаат во Скопје му го дале другарите од неговото мало во населбата Аеродром. Јас го нарекувам ,,Последниот Мохиканец“ затоа што се избори за својата почит и почитта на секој оној кој го носи и претставува националниот дрес во репрезентацијата. Верувајте тоа не беше ни малку лесно. Би сакала да се заблагодарам на целиот народ за подршката која секојдневно и ја дава на А репрезентацијата.

Фокус: Како изгледа еден ваш ден, сега откако сме на прагот на големата фудбалска авантура која цела земја со нетрпение ја очекува? Има ли промени во вашето секојдневно функционирање како семејство, се одразуваат ли зголемените обврски на вашиот сопруг врз вашите животни навики?

Ангеловска: Станувам прилично рано да се подготвам за на работа и да ја подготвам Леа за на училиште затоа што е прваче и оди со физичко присуство, потоа ја оставам во училиште и одам на работа. Работните обврски ми завршуваат околу 16 часот. Лука и Луна следат наставата онлајн и нивна обврската е земање на Леа од училиште.
Мојата мајка е таа што во периодите кога Игор е професионално отсутен ни помага околу домашните обврски. Три пати неделно нашите деца одат на спорт и посетуваат курс за странски јазици. Еуфоријата во таборот на семејството Ангеловски расте од ден на ден и со нетрпение чекаме да отпатуваме на 12-ти за Букурешт.

Фокус: Спектакуларната победа над Германија ви ја посвети вам, и откри дека сте имале тешка битка со корона вирусот. Како ги доживеавте тие моменти, кога пред целата јавност ви ја упати емотивната порака?

Ангеловска: Искрено, не очекував дека јавно ќе каже за голготата низ која поминувавме, но познавајќи го мислам дека дека во тој момент заради наплив на емоции не можеше да издржи. Јас бев хоспитализирана пред собирот и секогаш кога ќе се јавеше му викав дека сум добро, мислам дека и репрезентативците до втората половина на собирот не знаеле ништо.
Но, по добивањето на снимката од белите дробови која му ја препратиле од Систина, чашата се прелеала и по победата со Германија емоциите излегоа на површина. Јас тоа го доживеав емотивно и напишав еден пост рано наутро кој го споделив со цела јавност и сега сакам да ја искористам оваа прилика и да изразам голема благодарност за честитките кои ми ги упатија сите за побрзо закрепнување.

Фокус: Со каква мисла ќе го испратите на првенството? Имате ли стравови, или пак вербата во успехот е посилна од се?

Ангеловска: Ќе го испратам како и секогаш и ќе му посакам среќа. Воопшто не стравувам од ништо и знам дека Македонија нема само да биде учесник на ова Европско првенство затоа што е предводена од кормилар кој никогаш не го изгубил својот компас и секогаш плови во вистинската насока.

Вики Клинчарова

Поврзани новости