Бектеши: Вработените во угостителските објекти немаат надлежност да ги легитимираат гостите

by fokus

Министерот за економија Крешник Бектеши изјави  дека согласно Законот за угостителска дејност нема одредба според која сопствениците, менаџерите и вработените во угостителските објекти имаат надлежност да ги легитимираат гостите.

Министерството за економија ќе упати писмо до Комисијата за заразни болести за да се преиспита делот во протоколот за работа на угостителските објекти каде е пропишано колку лица може да се послужат на една маса и дали се од исто семејство или не.

Во интервју за ТВ Сител, министерот потенцираше дека протоколот за работа на кафетериите и угостителските објекти за исхрана неколку пати беше дискутиран со угостителите кои имаа забелешки токму во овој дел.

-Што се однесува до одредбите дека на една маса може да седат двајца, или четворица, но од исто семејство, јас можам да кажам само за она што е во надлежност на Министерството за економија. Согласно Законот за угостителска дејност, келнери, менаџери или управители на угостителски објекти немаат право да легитимираат граѓани, односно гости. Тоа е регулирано согласно Законот за полиција, Законот за заштита на лични податоци и само службени лица може да легитимираат граѓани, по посебни критериуми, рече Бектеши.

Според министерот, протоколот за работа на угостителските објекти треба уште еднаш да се разгледа во детали од страна на Комисијата за заразни болести.

-Ние како Министерство за економија ќе пратиме писмо до до Комисијата за заразни болести, ако претходно имавме забелешки, сега и во пракса во првиот ден, откако се отворија угостителските објекти може да се види дека протоколот тешко се применува, и од страна на угостителите, и од страна на гостите. Секако, ќе бараме од Комисијата за заразни болести да ги преиспита овие одредби во протоколот за да нема заблуди и кај граѓаните, и кај угостителите, кажа Бектеши.

Во однос на инспекциските контроли министерот повтори дека инспекторите во првите десет дена од стапување во сила на новите протоколи ќе имаат задача да ги едуцираат угостителите како да се придржуваат до мерките за заштита и нема да казнуваат.

Поврзани новости