Од 1 декември годинава ќе бидат ставени во функција сите производствени капацитет за електрична енергија со кои располага АД ЕСМ, потврди денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
-Граѓаните и компаниите да бидат спокојни нема да има никаков проблем во делот на снабдување со електрична енергија. Има план за производство и од 1 декември кога се зголемува потрошувачката ќе бидат ставени во функција сите капацитети кои ги поседува ЕСМ – трите блока во РЕК Битола, РЕК Осломеј, ТЕЦ Неготино, КОГЕЛ, целиот хидропотенцијал и Ветерниот парк во Богданци. Во земјава речиси се е под контрола и не се предвидени никакви рестрикции. Во континуитет сите потрошувачи ќе бидат снабдуван со електрична енергија, почнувајќи од домаќинствата па се до големите компании кои се на слободен пазар, рече Бектеши во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Нагласи дека доколку потрошувачката на електрична енергија не се зголеми од 1 декември нормално е да не се стават во функција сите капацитети и непотребно да прават трошоци. Треба, како што посочи, да се штеди мазут, јаглен, а средствата кои ќе се заштедат кога нема да работат ќе се користат во моментот кога потрошувачката на електрична енергија ќе биде поголема.
Нагласи дека деновиве треба да пристигне трансформаторот за третиот блок во РЕК Битола по што во мрежа ќе биде ставен и тој блок.
-Транспортот на трансформаторот од фабриката во Турција до Битола е комплициран. Во овој момент трансформаторот е во Грција и се подготвуваат два моста за да може да помине товарот што е над 200 тони и во наредните денови да се донесе во РЕК Битола, рече Бектеши.