Бектеши: Над 19.000 компании поднесоа барање за финансиска помош, рокот истекува утре

by fokus

Над 19.000 компании досега поднесоа барања до Управата за јавни приходи за мерката за исплата на финансиска поддршка за исплата на платите за април и мај во износ до 14.500 денари месечно по вработен, информира денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

-Во изминатите два месеца како резултат на негативните последици кои ги предизвика корона вирусот КОВИД-19 врз економијата, Владата донесе низа мерки за поддршка на најпогодените компании, но и за најзагрозените граѓани. Дека мерките се фокусирани да ги дадат најдобрите резултати врз економијата покажува и големиот интерес на компаниите и граѓаните за нивното користење. Радува што заклучно со денеска над 19.000 компании поднеле барања за мерката за финансиска поддршка за исплата на платите за април и мај во износ до 14.500 денари месечно по вработен, рече Бектеши.

Аплицирањето за оваа мерка, како што кажа, започна на 1 мај, а крајниот рок истекува утре на 7 мај во 24 часот.

Тој ги повика компаниите до утре до 24 часот да аплицираат за мерката за поддршка на платите за април и мај и истакна дека се очекува да аплицираат голем број од компаниите кои ги исполнуваат условите.

-Со оваа мерка се овозможува континуитет на работните процеси и се обезбедува основа за редовна исплата на плати и придонеси при што се создаваат сериозни услови за да се зачуваат работните места, потенцира Бектеши.

Поврзани новости