Бектеши: На вкупно 117.122 граѓани ќе им овозможиме да одат на летување

by Fokus

Завршени се сите постапки и официјално е пуштена во функција платформата „Дома си е дома“, а со тоа почнува и мерката за издавање ваучери за домашен туризам, рече министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција.

– Ќе им овозможиме на вкупно 117.122 граѓани со ниски примања да одат на летување. Оваа мерка ќе помогне за развој на целиот туризам во земјава преку посета на повеќе места во земјава кои досега не беа развиени и не беа познати. Предвидени се над 10 милиони евра за туризмот во државава. Од денеска официјачно е пуштена во употреба платформата „Дома си е дома“ и со тоа почнува мерката за издавање ваучери за домашен туризам. Конечната листа е веќе објавена на интернет страницата каде што сите добитници ќе можат да проверат дали се на листата или не. На листата се наоѓаат сите вработени граѓани кои имаат приходи до 15.000 денари месечно, односно вработените кои не оствариле приходи повисоки од 60.000 денари во периодот од јануари до април годинава. Овие граѓани ќе добијат ваучер од 6.000 денари кој ќе можат да го искористат во домашните туристички објекти. Тие ќе добијат и платежна картичка од 3.000 денари од мерката „Купувам домашно“ – истакна Бектеши.

Тој објасни дека граѓаните кои се на листата ќе ги добијат ваучерите за туризам преку електронска пошта и за нив не е потребно посебно аплицирање. Министерот додаде дека и секој ваучер содржи посебен код и пин код.

Поврзани новости