Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, денес дојде во официјална посета на Општина Кавадарци. Тој ја оствари неговата последна работна средба со градоначалникот Митко Јанчев во неговиот мандат, кој истекува на почеток на следниот месец март. Околу тоа како поминала денешната средба помеѓу Јанчев и Бејли, кавадаречкиот градоначалник вели дека му е чест што имал можност да соработува со високиот дипломат, со кого во меѓувреме станал доста добар пријател.
-Амбасадорот Бејли ја имаше својата последна работна посета токму во Кавадарци, пред истекот на неговиот мандат. Тој дојде да се поздравиме, но ова не е збогум и веќе договоривме наредна средба. Во повеќе наврати амбасадорот, кој е одличен познавач на доброто вино и го има пропатувано светот, ми има потенцирано дека во Тиквешијата ги имаме најдобрите вина. Тој беше помеѓу поканетите гости за време на традиционалната прослава на празникот на лозарите и винарите, Свети Трифун, но за жал, поради автобуската несреќа настанот не се одржа. Затоа, го поканив господинот Бејли да ни дојде во Кавадарци наредната година, на прославата на Свети Трифун, а тој воодушевено ја прифати поканата и вети дека ќе се потруди да не посети – изјави за Јанчев за Фокус.
За време на средбата, амбасадорот ја искористил приликата да го покани Јанчев кај него, во САД, на семејна дружба.
-Веќе сум бил во Америка, секако планирам повторно да одам и драго ми е што амбасадорот ме покани семејно, со сопругата и децата да го посетиме. Имаме заеднички интереси и хоби, убаво е кога помеѓу соработниците ќе се роди пријателство кое ќе остане да трае. Секако дека повторно ќе се сретнеме, дали во Кавадарци или во САД, нашето пријателство останува – вели градоначалникот.
Инаку, ова не беше прв пат Бејли да се сретне со Јанчев. И лани, во август, амбасадорот дојде во Кавадарци, а темата на разговор за време на средбата беше развојот на Кавадарци, но и актуелните политички случувања.
Џес Бејли беше потврден како Амбасадор на САД во Македонија, од страна на Сенатот, во декември 2014. Роден е во Синсинати, дипломирал на Универзитетот Јеил, а магистрирал Европска историја на Универзитетот Колумбија. Тој зборува француски, турски и тајландски јазик. Оженет е со Кејпи Полк Бејли и имаат еден син, Ноа, кој е студент.
Вики Клинчарова