Мицкоски аплаудираше на говорот на Силјановска: Заевизмот е болест, да го отвориме прашањето за името

by Фокус

Тоа што сум денеска тука го покажува реформскиот и демократски капацитет на ВМРО-ДПМНЕ да отвори порта на еден натпартиски кандидат, порача универзитетската професорка Гордана Силјановска – Давкова, која денеска во Струга ја бара поддршката од делегатите на ВМРО-ДПМНЕ за претседателска кандидатура на претстојните избори.

-Не е доволно само да се нарекувате реформска партија, туку треба да посегате по истите. Во 2001 година ни се вкрстија патиштата со ВМРО-ДПМНЕ, потоа во Струга во 2004, потоа за Преспанскиот договор и на крај за Законот за јазици – посочи Силјановска.

Таа посочи дека нејзините предци не се бореле за Република Северна Македонија, како што се нарекува државава согласно договорот со Грција потпишан во Преспа.

-Она што ме води во животот е потеклото. Во песната за Арсо Војвода ќе слушнете дека бил на гости кај Стојкота, тоа е мојот прадедо. Татко ми бил во партизани, излегол со три ордени, го поминал Февруарскиот поход, се борел не за Република Северна Македонија, за Македонија – рече Силјановска, додавајќи дека државава го остварила правото на самоопределување на АСНОМ.

Таа повика граѓаните масовно да излезат на претстојните претседателски избори, со цел, како што рече, да се делегимира власта.

-Сигурна сум дека мојот глас во овие две години допре до луѓе кои можеби никогаш не гласале на избори, биле аполитични, неутрални или до луѓе кои биле членови на некоја партија која е на власт, но сфатија дека има нешто посилно од партијата и од привилигиите дека тоа е Македонија. Ова е вистинскиот момент да се делигитимира власта која создаде хибриден режим во кој Македонија стана скандалозна земја – истакна Силјановска.

Доколку стане претседател, таа најави дека ќе формира експертски тим на домашни и странски професори по меѓународно јавно право.

-Малите држави се повикуваат на правото, големите на силата. Да го отвориме прашањето за името на Република Македонија. Тоа не е затворено. Пред меѓународните судови и институции. Во секоја средба ќе укажувам дека не можам да се поделам на две личности. За мене владеењето на правото е врвната цел, ако сите народи имаат право на самоопределување, истото важи и за македонскиот народ и за Република Македонија – порача Силјановска.

Во моментите кога универзитетската професорка говореше дека за „заевизмот“ како ментална матрица и болест „кажуваш, забораваш, негираш“, лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и другите партиски функционери во салата станаа и аплаудираа.

Поврзани новости