Поплавените семејства од скопскиот регион и три месеци по невремето, ни приближно не си ги вратиле во нормала домовите и условите за живот. Во Сингилиќ, Стајковци и Арачино тешко оди санацијата на штетите, а бавно тече исплатата на парите за обештетување.
До сега, од планираните 36 милиони што Владата ги најави за отштета, исплатени се само 8 милиони на сметка на граѓаните. Тоа значи дека отштета добиле една четвртина од жителите од поплавените региони. Ова го покажува предизборниот финансиски извештај на Министерството за финансии.
Активисти од терен велат дека сумите за отштета се премали за поплавените семејства да си ги вратат домовите во пристојно место за живеење. Покрај тоа, обвинуваат дека обештетувањата се делат по партиски и пријателски врски.
-Сумите кои се исплаќаат се далеку под висината на реалните штети. Од терен има информации дека оштетата се дели по партиска линија, со цел ДПМНЕ да го зацврсти своето гласачко јадро во погодените подрачја. Се уште има семејства кои не биле посетени од Комисијата за процена на штети- рече денеска активистот Демијан Хаџи-Анѓелковски, во посетата на поплавените подрачја.
Освен тоа, активистите алармираа дека се уште не се отстранети причинителите на поплавите и предупредуваат дека катастрофата може да се повтори и со слаб дожд.
– – Никој се’ уште нема преземно одговорност. Ниту за неодговорното работење кое резултираше со изгубени животи и огромни штети, ниту за патетичната некоординираност во периодот кој следеше по полавите. Овие луѓе мора да одговараат за својата неодговорност. Ниту едно оправдување за „виша сила“ или „водена бомба“ не може да ги избрише солзите на граѓаните, ниту да направи да заборавиме во чија надлежност беа нашите животи, беше нашата безбедност и нашата заштита и спасување – порача Павле Богоевски.
Инаку, во поплавите во Скопскиот регион загинаа 23 лица, а институциите се уште немаат излезено со официјална информација по истрагите за загинатите.