Бајрами: Пристигнаа 24 пријави за сторени кривични дела поврзани со изборите, голем дел се отфрлени

by fokus

Комисија за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела против изборите и гласањето констатира дека парламентарните избори се одвиваа во мирна атмосфера, без значителен број на изборни нерегуларности, истакна на вечерашната прес конференција обвинителот Џелал Бајрами.

Во продолжение неговата изјава:

„Во основните јавни обвинителства и на електронската адреса izbori@jorm.mk на која граѓаните можеа да пријават сомнение за сторено кривично дело поврзано со изборите и гласањето, пристигнаа вкупно 24 известувања за настани случени во текот на изборниот процес, вклучитлно и денеска во текот на гласањето.

Во голем дел од пристигнатите известувања не се утврдени елементи на сторени кривични дела за кои гонењето се презема по службена должност и кои се предвидени во Глава 16 од Кривичниот законик. За останатите известувања, јавните обвинители преземаат дејствија во предистражна постапка за да се утврди постоењето на кривичното дело и сторителот.

Имено, од вкупно 24  известувања, 3 се однесуваат на настани во различни изборни места и градови, каде лицата кои го остварувале своето право на глас ги сликале гласачките ливчиња. Овие известувања се примени во обвинителстата, но истите се прекршоци согласно член 190 став 2 од Изборниот законик и за постапката по нив надлежни се други органи.

Известувања се пристигнати и на електронската адреса која Јавното обвинителство ја отвори за на граѓаните да им овозможи директно пријавување на сомненија поврзани со изборите и гласањето. Од нив 7 се поднесени од исто лице – од граѓанска организација која известува за објави по социјалните мрежи со кои наводно се прекршува предизборниот молк или се агитира за гласање за одредени политички партии. Две се од други две лица и се однесуваат на објави на портали и социјални мрежи. Во тек е постапувањето на надлежните обвинителства.

Седум известувања се пристигнати од претставници на една политчка партија од Кочани и се однесуваат на наводен поткуп кои во одделни настани го вршат лица со цел да се гласа за одредена политичка партија. Во Основното јавно обвинитлство Кочани се преземаат дејствија за расчистување на овие настани пријавени до овој момент

Во Основното јавно обвинителство Струмица беше доставено известување за лице кое на бензиска станица во с. Василево, нудел ваучери за гориво за да се гласа за определена политичка партија. Обвинителството издаде наредби за обезбедување на видео камери, видео записи и преземање дејствија во насока на утврдување на фактите.

Во струмичкото обвинителство примени се и известувања за уште два настани, случени вечерта на 14.07.2020 година. Едниот во с. Добрадинци каде околу 21.00 часот лице нудело пари за да се гласа за определена политичка партија. Вториот настан се случил во с. Дражево, каде околу 21.50 часот лице вработено во Центарот за социјални работи вршело агитација со закани за да се гласа за определена политичка партија.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица бил известен дека инспектор на YouTube видел снимка со изборен поткуп и за тоа направил службена белешка. Обвинителот дал насоки за проверка на снимка и утврдување на идентитетот. Едно од двајцата лица дошол во станица , но по давањето на изказот подоцна пријавило дека примил закани за што поднел пријава по член 144 – загрозување на сигурноста. Обвинитлството постапува по овој предмет континуирано.

Ова обвинителство постапува и по известување за наводен изборен поткуп во кој е инволвиран вршител на функција од една од општините, дадени се насоки на МВР да се повикаат лицата, пратена е покана за прибирање потребни известувања.

Рано утринава е пријавен настан кој се случил во 03,20 часот  во ПО Галате каде дошол претседателот на Месната Заедница од с.Дебреше и пријавил кршење на предизборен молк од страна на две лица од село Дебреше. Лицата  со автомобил  низ селото растурале пропаганден материјал-флаери на една од коалициите.  При што биле забележани и физички нападнати од друго лице. Од настанатите повреди едно од лицата кои делеле пропаганден материјал е пренесен во Ургентен центар -Гостивар.  Се работи на расчистување и документирање на случајот.

На 14 јули имаме известување во Основното јавно обвинителство Штип. за извршен претрес во дом на лице за кое имало сомневање дека поседува дрога. По добиена наредба од судија, при вршење на претресот дрога не била најдена, но е пронајден список од околу 150 имиња, за што постои сомневање дека биле наменети за изборен поткуп. Лицето дало исказ и натаму се преземаат дејствија за целосно расчистување на настанот.

На 13 јули 2020 година во локална продавница во Штип се пронајдени голем број на лични документи, кои наводно биле чувани како залог кој требало да биде искористен во изборни цели. Од јавниот обвиниетел се дадени насоки да се повикаат лицата – сопственици на личните документи и да се испитаат, како и други дејствија во насока на утврдување на фактите во предметот.

Обвинителството во Неготино е известено од ОВР Неготино околу 18 часот, за два настани со основи на сомнение дека е сторено кривично дело – Повреда на тајноста на гласањето по чл. 163 ст.2 в.в. ст.1 од КЗ. Првиот настан се случил во Неготино каде член  на Избирачки одбор од просторијата каде се гласа, застанал на прозорецот и ставил список со лица кои не гласале, а надвор стоело друго лице кое го сликало списокот со телефон. Настанот го пријавил член на избирачки одбор од друго  изборно место во истото училиште, кој стоел надвор и го видел настанот. Во тек се проверки, а одземен е и телефонот од лицето заради вештачење. Воедно се вршат и разговори со инволвираните лица.

Другиот настан е во с.Прждево општина Демир Капија каде пред гласачко место  член од Избирачки одбор добил телефонски повик и на неовластено лице му дало податок дека конкретно лице дошло да гласа, но не гласало. И за овој настан постапката е во тек.

Дежурен јавен обвинител во Основно јавно обвинителство Штип по телефон бил известен за затекнати лица со возило во Штип, околу 19.00 часот, кои имале со себе  44.000 денари  и список на лица ,во близина на избирачко место во ОУ “Тошо Арсов”. По насоки на јавниот обвинител лицата ќе бидат повикани на разговор во МВР за проверување и документирање на случајот.

За овие настани, како и за сите останати информации и известувања кои евентуално би пристигнале во обвинителствата, надлежните јавни обвинители, како и Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности , итно и со приоритет во работењето ќе ги преземат сите потребни дејствија за расчистување на настаните

Поврзани новости