Новоизбраниот американски претседател, Џо Бајден преку својот иден советник порача дека Русија би требало веднаш да го ослободи опозицискиот лидер, Алексеј Навални којшто е приведен по враќањето од Берлин во Москва.
-Навални би требало веднаш да биде ослободен, а извршителите на нападот врз него би морале да бидат изведени пред лицето на правдата. Нападот на Кремљ врз животот на Навални не е само кршење на човековите права туку и навреда на сите Руси кои би сакале да се слушне нивниот глас, напиша Џејк Саливен, идниот советник за национална безбедност на Бајден.
Литванија, Летонија и Естонија, земји членки на Европската унија, вечерва пак повикаа на воведување на рестриктивни мерки, односно санакции за Русија поради апсењето на Навални. Негово ослободување побара и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.