Бачев: Ја оправдувам руската интервенција, да држиме добри односи со Киев и Москва!

Воениот судир помеѓу овие две земји зборува за незрелоста на украинскиот претседател Зеленски

by Fokus

Веќе неколку дена трае конфликтот во Украина која беше нападната од руските трупи, а двете страни секојдневно бројат загинати и ранети, а светот се надева на смирување на состојбата и прекин на огнот.

Првиот човек на Единствена Македонија, Јанко Бачев за „Фокус“ вели дека воениот судир помеѓу овие две земји зборува за незрелоста на украинскиот претседател Зеленски кој од телевизиски комичар стигна до претседател на Украина.

„Можеби затоа отпосле му текна и беше брутално искрен со видео обраќање кога директно ги прашуваше лидерите на ЕУ дали Украина ќе биде во НАТО и кој е подготвен да ја брани од Русија. Одговорот од ЕУ беше – сите се плашат, молчат и никој не му одговара. Замислете, претседател со куп советници не можеше да разбере дека од НАТО лажно го силеа да влегува во војна со Русија и дека на крајот ќе го изиграат“, вели Бачев.

Според него, лудост е да се војува со Русија, но за Бачев оваа интервенција е оправдана, прашувајќи како би постапиле Американците во ваква ситуација.

„За мене е оправдана руската интервенција бидејќи беа доведени во состојба да нема повеќе што да изгубат ако НАТО им дојде на самата граница. Прашувам, како би реагирале НАТО и САД во една претпоставена ситуација, доколку Канада или Мексико, влезат во воен сојуз со Русија и следствено на ова, од руска страна се натрупа руско оружје на границата со САД. Како во таков случај би постапиле Американците?“, додава тој.

Од друга страна, Бачев жали што дошло до воен судир, а според него, во поделена Украина на прозападен и происточен дел, оваа интервенција ќе остави долгогодишни последици на омраза меѓу еден дел од Украинците и Русите што всушност, вели, била и целта на САД и НАТО како инспиратори.

„Светот се менува. Се менува и Европа. Новите геополитички околности доаѓаат. Тука е големата шанса и за Македонија да си ја вратиме државата назад и како Македонци да останеме свои на своето. Ја осудувам полтронската политика на Македонија кон Брисел и Вашингтон во актуелните настани во Украина. Македонија иако е членка на НАТО, треба да води сметка за своите национални интереси. А не е во национален интерес на Македонија со приклучување на санкциите кон  Русија. На Македонија и треба принципиелна и неутрална политика со која ќе одржи добри односи со Киев и Москва“, го заврши разговорот Бачев.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости