Претседателот на Единствена Македонија, Јанко Бачев смета дека на меѓународен план постои основна претпоставка дека надворешната политика на државите ја водат стручно и политички висококфалификувани луѓе, но вели, за Македонија не е така, бидејќи според него, постапката за договор со Грција за името има стручни и професионални недостатоци кои го прават договорот ништовен според меѓународното право.
„Генерално, прашањата што се појавуваат во меѓународните договори се регулирани со Виенската конвенција за договорно право од 1969 година, со која меѓународното право доби „договор за договорите“ („the Treaty on Treaties“). Според Конвенцијата, за валидноста на еден меѓународен договор, за кој се подразбира слободна согласност без уцени и закани, потребно е да бидат исполнети и два општи услови:
Прво, договорот да биде склучен од страна на надлежни органи. Во случајот, Зоран Заев е избран од Собрание со кое претседава нелегален претседател и преговара со Грција за прашања за кои владата нема надлежност. Примарна надлежност за склучување на меѓународни договори според домашниот закон за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори има претседателот на Републиката, а владата склучува меѓународни договри само за прашања наброени во законот (член 3 став 2 – за економијата, финансиите, науката, културата, образованието и спортот, сообраќајот и врските, урбанизмот, градежништвото и заштитата на животната средина, земјоделството, шумарството, водостопанството, здравството, енергетиката, правдата, трудот и социјалната политика, човековите права, дипломатско-конзуларните односи).
Второ, договорот треба да има дозволен предмет. Во меѓународниот поредок постојат граници во слободата на договарањето. Волјата на државите е суверена само во рамките на еден определен правен поредок, кој е ограничен со императивни норми (ius kogens). Кај овие норми не е дозволено отстапување и државите со свои спогодби не можат да ги изменат. Дококу апсолутното задолжително право (ius kogens) не се применува, постапката што довела до повреда на императивната норма е ништовна“, вели Бачев.
Според него, во меѓународното право не е дозволено мешање во прашања што спаѓаат во внатрешната надлежност на секоја држава.
„Според меѓународно право, името на една држава е прашање на внатрешната надлежност на секоја држава, а не на меѓународното право и оттука за име на една држава не може да се преговара. Секое мешање во името на државата како инхерентно право кое е во строга внатрешна јурисдикција доведува до повреда на меѓународното право, бидејќи правниот идентитет – името на државата е суштествен елемент на правната личност, тој не може да се отуѓува, ниту, пак, за едно инхерентно право може да се преговара. Според тоа, договор со Грција за името е ништовен според меѓународното право со што се отвора патот на било која идна власт во државата таквиот договор да биде лишен од правно дејство за што со писмо од 15 мај годинава лично е известен и грчкиот премиер Ципрас“, смета Бачев.
Бачев смета дека власта прави еуфорија од евентуален договор со Грција за името и ликува што амбасадорите на земјите-членки на ЕУ и САД го поздравуваат таквиот договор.
„Севкупно, се прави искривување на општо познати меѓународни факти со обидот Македонија да се прикаже како вештачка држава на местото на вистинските вештачко создадените држави како што е Грција создадена од западот или пак, Бугарија (создадена од царска Русија). Патем, за историјата на концептот за обезличување на Македонците чие продолжение е договорот со Грција, пишував во една моја колумна насловена како Клио. Како и да е, иронијата да биде поголема, во историјата други не делеле, а сега самите зборуваме и договараме поделба меѓу Македонците“, додава Јанко Бачев.