Од ноември минатата година, речиси два месеца, адреналинот ми е качен милион. Во зимскиве сивила претворени во политички црнила, во овој темно-тегет амбиент на контра-пленуми, медиумска контра-реалност и евтини пропагандни трикови, ми леткаат пеперутки во стомакот. На минус петнаесет кога погледот се замрзнува, а ушите паѓаат од студ, ми станува топло на душата. Ме стоплуваат прекрасните, вредни, паметни и храбри луѓе околу мене. Не знаев дека постојат. За нив бев слушала и читала во документарните филмови и во книгите како за интелектуална и револуционерна елита во секое општество. Бев дете кога нивните маршови ги тресеа од темел владите и кога се восхитував на нивните пароли низ европските метрополи, од кои најпознатата беше „Да бидеме реални, да го бараме невозможното“.
Како професор, секој ден бев со нив во училниците, амфитеатрите и низ факултетските коридори. Не претпоставував дека ќе се кренат и дека токму тие ќе бидат каменот кој ќе го размрда овој наш жабурник. И дека со многу хумор, свирчиња, насмевки и креативни пароли, ќе се разлеат по булеварите и ќе го бараат невозможното – уривањето на една болна суета. Затоа ми е топло на душата.
Никој нека не ве лаже – не се малку. Воопшто не се малку. Доскоро, само до пред месец-два, тие биле обични луѓе – студенти, професори, новинари, волонтери, хонорарци, наставници, ученици, пензионери, вработени, невработени… сите обременети со секојдневните предизвици кои од ден на ден стануваат сé понеподносливи. Ќе повторам – се’ понеподносливи. И тука е коренот на проблемот.
Старите велат дека се кине каде што е најтенко. Така и кај нас, „тиквата“ пукна на образованието. Оној мал буџет кој беше одвојуван за наука и образование, се истроши на превод и печатење на стотици неупотребливи „универзитетски учебници“. Верувале или не, во нашата библиотекека на Факултетот за земјоделски науки и храна, има неколку примероци од книга које е насловена „Физиологија на желбата“. Да не е трагично, би било смешно. Од истиот тој мал буџет, по избрзана и непромислена одлука на Владата, не беше одвоен ни денар за отворање на нова факултетска насока во место оддалечено 130 километри од Скопје, каде што колегите немаат просторија ни каде да се преоблечат или да си ги средат наставните материјали. Патни трошоци и хонорари – нула.
Во исто време, моите помлади колеги немаат средства за основен канцелариски материјал, а да не зборувам за поставување сериозен полски експеримент чии резултати би можеле да се објават во референтни списанија. При тоа, мислам на многу пореферентни од списанијата на Web of Science. Во исто време, работиме во студени амфитеатри и ги смрзнуваме студентите затоа што ресорното министерство, не ги платило сметките за греење. Тоа е истото она време, во кое еден член на Надзорен одбор или еден државен службеник со пет минути стаж, има два пати поголема плата од редовен професор со дваесет и пет години искуство и четири избори во повисоко наставно научно звање.
Што се случи во ноември? Некој си дозволи да им рече на преку пет илјади наставници дека се некомпетентни, мрзливи, компромитирани и дека продуцираат неквалитетни кадри. Некој хипокрит се одважи да ги стави настрана условите во кои работиме и живееме и да ни наметне лошо препишани критериуми. Построги и ѓоа поквалитетни. И секако, противуставни. За наше добро, се разбира. Иако уште древните Кинези заклучиле дека патот до пеколот е поплочен со добри намери.
Во ноември станаа студентите. Застанавме и ние до нив. Каде што припаѓаме. Застанавме во одбрана на универзитетот и во одбрана на сопствената академска чест. Сите заедно. Сплотени со адхезив кој не може ниту едно пропагандно трикче да го раствори. Ако нешто знаеме, знаеме да анализираме, да лоцираме и да дефинираме проблем, но и да предложиме применливо решение. Евидентно е дека државата чија задача е да создава услови за работа и нормално функционирање на универзитетот, од поодамна не е во состојба да го прави тоа.
Владата не’ нарече аздисани. Ако ова што погоре го набројав значи дека сме аздисани, изгледа ние допрва ќе почнеме да аздисуваме.
Гордана Попсимонова, универзитетски професор