Авторот Мирон Динков на почетокот на месец јуни го издаде својот втор роман „Погледот на Делфика“ во издание на Сакам книги, додека пак неговиот деби-роман насловен како „Проколната земја“ го доживеа своето второ издание, во кое самостојно учествуваше авторот.
Како што вели за себе, тој е „раскажувач“ и „патувач“, а двете негови книги имаат историска тематика.
„Двете книги се воедно и своевидни трагања низ историјата. За секоја поставена задача или во случајот желба да се трага по историската вистина, неопходно е постоењето на силен мотив и јасно поставена цел. Кога во тој контекст, би говореле за романот “Проколната земја”, тие два предуслови беа исклучителни. Иако тематиката за романот е премногу комплексна, а вистината за неа дотолку нејасна колку и испреплетените интереси за нејзиното креирање во зависност од изворот кон кој сте пристапиле, мотивот да се стигне до единствената вистина за неа и покрај сите тешкотии, за мене беше пресуден“, вели Динков.
Ваквата тематика е често чувствителна за македонскиот народ. Кој беше поводот за да се пишува на ваква тема?
„Пишувајќи за настаните од историската и национална тематика на сопствениот народ, како и одговорајќи преку нив на низата осетливи прашања кои истата ја оптеретуваат, е секако прашање на доблест и индивидуален избор. Но доколку постои силен мотив за да некој се впушти во тоа, сметам дека бараната вистина самата ќе го одведе до целта.Тој мотив и повод за мене, всушност произлезе од моето несакано сведоштво за безмилосната надмоќ на силата и неправдата, врз безпомошната љубов меѓу луѓето и нивната тага за најблиските“, додаде нашиот соговорник.
Самите книги, целата историја што се провлекува низ страниците, си бара огромен ангажман и исцрпувачко истражување за да се долови автентичноста на настаните.
„Силниот мотив би требал да не води кон пропорционална цел. Што значи дека доколку е таа таква – силна и голема, веројатно ќе треба да се истрае и вложи поголем труд. Тие атрибути беа вистинскиот двигател кој ги поттикна и ги одржа сите мои трагања и истражувања во периодот од 1995 до 2008 година, кога романот за првпат беше објавен. Сите тие бројни ликови, настани и приказни поврзани за нив, воедно беа и мојата изместена но посакувана патека во секојдневното живеење. Всушност и денес се сеќавам, како низ сите тие години на континуирано трагање и пишување, јас некако искрено се соживував со секој нов лик кој го наоѓаше своето место во романот. Приказните поврзани со ликовите и нивните чувства, како постојано да ги собирав во себе…навистина, тоа ми беше најтешко“, посочи авторот.
Неговиот прв роман „Проколната земја“ оваа година го доби своето второ издание, а новитет кај авторот е романот „Погледот на Делфика“. Можеби 12 години за издавање на втор роман се долг период, но не оди секогаш се според планот.
„Романот „Проколната земја“ беше позитивно примен од домашната јавност и официјално распродаден со сиот почетен тираж. За жал, како и во некои други слични примери од нашето општество, тој сепак неочекувано ја загуби соодветната поддршка од најодговорните. Набргу и самиот станав сведок за несоодветниот однос на издавачот кон него. И покрај добриот интерес на публиката за романот, тој сепак реши да не и возврати соодветно. Јас иако му бев благодарен на издавачот за сета почетната поддршка при неговото објавување, поради неговите неочекувани постапки, сепак бев принуден да го повлечам романот од понатамошна продажба и меѓусебна соработка. На некој начин, сокривајќи го романот од него и од публиката, се сокрив и самиот себе…“, вели Динков.
Некои од нашите автори со сопствени пари се решаваат да ги издадат своите дела и моментот со повик до некоја издавачка куќа едноставно изостанува. Динков вели, странските автори секогаш имаат повеќе предност.
„Кај нас во Македонија, исклучително се ретки примерите кога некој автор самиот го финансира издавањето на своето дело, а уште поретко доколку е прозно или пак поетско. Тоа е навистина несекојдневно, дури и кога би помислиле дека тоа би го направила и некоја помала издавачка куќа. Секако постојат и некои други -слични конкурси и мотивации, но сепак не се доволни за да се излезе во пресрет на очигледно зголемената домашна продукција на литературни дела. Издавачките куќи само го следат пазарот и неговиот интерес, а тој им кажува што всушност би сакал да чита“, посочи тој.
Неговиот најнов роман „Погледот на Делфика“ е базиран на долгогодишни истражувања низ земјите и опишаните места во самата книга. Тоа се настани кои се забележани во светската историја.
„Романот “Погледот на Делфика” е историски роман – драма, која на специфичен начин се обидува да даде особен осврт на религиските токови низ историјата на христијанството, со јасно издвојување на вистинските ликови директно поврзани со клучните настани кои влијаеле врз него. Токму затоа и приказната за младите Констанциј и Елена, нивниот син Константин и низата ликови поврзани со нивните животи, е воедно и наше потсетување за вредностите кои ни се оставени да ги сочуваме пред светот. Нашето место во него, како православни христијани и Македонци, сосема извесно ни е доверено за да веќе илјадници години по Исусовата смрт, се уште ја чуваме светата вистина за него“, раскажува нашиот автор.
Поради состојбата со корона вирусот, неговиот втор роман засега помина без промоција. Тој се надева дека во иднина ќе се случи и официјално промовирање на „Погледот на Делфика“.
„Првичните коментари и рецензии од неговата публика, ми даваат надеж дека приказната од романот и нејзините пораки, забрзано го пронаоѓаат својот пат до домашната книжевна публика. За жал, не можеме да се пофалиме и со некое негово приметливо одбележување и рецензирање од страна на литературните критичари или пак информативни медиуми. Веројатно за тоа, ќе бидат посоодветни некои други помалку оптеретени времиња. Но како веќе авторите и писателите сакаат да веруваат… дека секое нивно дело е налик на глас извикан над карпата, чекајќи го своето ехо да му се врати, исполнувајќи го просторот околу неа“, го заврши разговорот Динков.
Јорданчо Цветаноски.