Автомобилот што падна во Лепенец претходно се претекнувал со друго возило, се удриле и излетал од патот

by Fokus

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје е на местото на тешка сообраќајна несреќа на патот Скопје – Приштина во кое автомобил со косовски регистарски таблички падна во реката Лепенец. Од ОЈО велат дека преземаат дејствија за утврдување на причините.

„Според првичните информации, до несреќата дошло кога автомобил Фолксваген туран со македонски регистарски ознаки претекнувал колона автомобили. Во моментот кога стигнал паралелно до автомобил  БМВ со косовски регистарски таблички кој се движел во истата колона, двете возила се доближиле и странично се удриле, по што косовскиот автомобил со четворица патници излетал од патот и се превртел во реката Лепенец. Причините за сударот се уште се утврдуваат, а на местото на несреќата е присутен и сообраќаен вештак. Еден од патниците во косовското возило е извлечен од водите и веднаш е префрлен во болница, додека по останатите потрагата во исклучително тешки услови е во тек“, соопшти ОЈО.

Министерството за внатрешни работи денес соопшти дека околу 15 часот е пријавено дека на патот „Скопје-Граничен премин „Блаце“, близу тунелите се случила сообраќајна несреќа во којашто учествувале патничко возило „фолксваген“ со скопски регистарски таблички, управувано од Б.Б. од Скопје и патничко возило „бмв“ со косовски регистерски таблички, управувано од Н.П. од Косово, што по несреќата паднало во реката Лепенец.

„Во возилото „бмв“ покрај возачот имало и тројца сопатници. Едно лице е извадено од реката и пренесено во болница  ‘8 Септември’, а по останатите три лица трагаат тим нуркачи од САЕ ‘Тигар’ како и тим со дрон“, соопшти МВР.

Поврзани новости