Австриската „Аса Интернационал“ иако се најавуваше како концесионер на новата депонија во струмичкиот регион, сепак партијата ДОМ денеска информираше дека општините од југо-источниот дел одбиле да го потпишат договорот со оваа компанија.
„Аса Интернационал“ учествуваше и во трката за скопската „Дрисла“, каде влезе во вториот круг од тендерот, меѓутоа поради невалидна понуда испадна од понатамошниот избор. Концесијата за „Дрисла“ ја доби конзорциумот од италијанските „ФЦЛ Амбиенте“ и „Униеко“ пред германската компанија „Шолц“.
Според пишувањата на медиумите првата регионална депонија во државата требаше да биде изградена во близина на селото Добрашинци. Проектот чини 22 милиони евра, а опфаќа површина од 12 хектари каде што идните 25 години треба да се депонира околу 1.200.000 метри кубни цврст отпад од вкупно десет општини.
– ДОМ изразува големо разочарување по веста за одбивањето на општините од Југо-источниот регион да го потпишат договорот со најдобриот австриски понудувач во постапката за доделување концесија за управување со отпадот и изградба на депонијата. Ова се случува по тригодишен транспарентен процес на преговори помеѓу 10 општини, неколку министерства и понудувачот избран на меѓународен оглас – велат од партијата на Лиле Поповска.
Оттаму потенцираат дека жално е што трите години на јавниот процес за добивање на првата депонија во Македонија се претворија во бирократско вртење во круг без разрешница.
– Ова покажува дека управувањето со отпад во земјава е жртва на локални игри и интереси – обвинуваат од ДОМ.
ДОМ го смета за несериозно ваквото однесување на општините од Југо-источниот регион, подеднакво како и она на Полошкиот регион, каде исто така се поништи објавениот оглас за депонија.