Мал авион се урна синоќа во делтата на Дунав во општина Журиловка во Романија. Двајца мажи, меѓу кои и пилотот Михаило Појога, загинаа на самото место.
Според медиумите, Михаило преживеал несреќа со друг авион само неколку часа пред трагедијата!
Михаило Појога и неговиот колега Кристи Иванов загинаа околу 19:20 часот кога малиот авион во кој се наоѓале се урна во делтата на Дунав во областа Гура Портитети од причини кои засега не се познати.
„Хеликоптерот за спасување набрзо пристигна на местото на несреќата, но медицинскиот тим, за жал, не можеше ништо да направи за Михаило и неговиот колега“, рече Даниел Настасе, портпарол на Службата за итни случаи.
Како што објавија медиумите, Михаило, само неколку часа пред смртта, летал со друг авион во кој бил и неговиот 18-годишен син. За време на слетувањето на насипот, авионот се превртел, но Михаило и неговиот син чудесно преживеале без повреди. Бидејќи успеале сами да излезат од леталото и немало повредени, никој дури и не повикал помош.
За несреќата се дознало подоцна.
„Според информациите што ги имам досега, во истата област се случил уште еден инцидент, односно уште еден мал авион се превртел при слетувањето, без жртви“, изјави Еуген Ион, претседател на општина Журиловка.