Ава Керш: Ова е вистината за последната желба на Пепи!

by Fokus

Бев со Пепи до неговиот последен момент и ние никогаш не се разделивме. Желба му беше да биде кај што сме јас и децата. Му ја исполнивме последната желба, да почива во Чикаго, каде што ние со години наназад живееме и редовно го посетуваме неговиот гроб – за ,,Фокус” раскажува Ава Керш, популарна пејачка од времето кога живееше во Македонија и поранешна сопруга на фолк легендата Пепи Бафтировски.

Изминативе денови во неколку електронски медиуми во земјава се објавија текстови со наслов дека последната желба на Бафтировски не била исполнета, односно како тој оставил аманет да биде погребан во родната земја, пред да почине во Чикаго, САД, во април 2008 година. Истата приказна редовно се провлекува низ медиумите со години наназад, а Ава, која и покрај разводот со Пепи до последен момент останале блиски, вели дека додека живееле во земјава, во време кога беа актуелни на сцената, често се објавувале дезинформации за нив.

-Тоа беше дел од нашиот живот, но ете, се уште продолжува… Пепи повеќе реагираше на овие работи, на невистините кои се објавуваа за нас. Јас секогаш го прифаќав тоа како нешто нормално за луѓе кои се дел од естрадата. Ние двајцата секогаш одлучувавме и правевме тоа што ние сакаме, се друго беше занемарливо – раскажуваа Керш.

Вели дека и покрај тоа што изминаа долги години од смртта на Пепи, празнината и останува, но сепак е мирна во душата бидејќи неговата последна желба била исполнета, без оглед на тоа што дезинформациите не престанале сите овие години.

-Чувствувам празнина без него… Го изгубив мојот најголем пријател пред кого пеев, играв, се смеев, и пред кого можев да зборувам со часови, а тој да ме слуша со најголемо внимание. Јас сум жена која го имаше целото внимание на светот. Со него се чувствував како да снимав филм во кој главната улога ја играв јас. Празните зборови кои сега се пишуваат за нас, повеќе не дозволувам да ме вознемируваат – вели Ава.

Лошите коментари и обвинувања кои ги оставаат читателите на социјалните мрежи, под објавите за наводно неисполнетата последна желба на Пепи, вели дека на почеток и паѓале тешко, но повеќе не реагирала, бидејќи ја знаела вистината.

-На некој начин, јас сум веќе навикната на се. Ова не е ништо во споредба со она што доживеав кога јавноста дозна дека ние сме заедно, со 24 години разлика во возраста. Претпоставувам, тоа е дел од музичкиот живот, вели Керш, која од преселбата во Чикаго во 2003 година работи во здравството, во Лојола Универзитетот, но останува активна и на тамошната сцена и учествува во популарни танцувачки шоу програми.

Бафтировски кој почина од рак на белите дробови пред околу 13 години, беше една од најголемите фолк ѕвезди во земјава и остави богата музичка ризница зад себе, а неговиот живот секогаш бил интересен за јавноста и медиумите. Се коментираше дури и неговата надгробна плоча на гробиштата во Чикаго, откако нашинци го посетиле неговото почивалиште.

Уште тогаш во интервју Ава појасни дека не му поставиле масовна биста, бидејќи неговата надгробна плоча била во сооднос со останатите плочи на гробиштата каде е погребан. Додаде дека Пепи починал опкружен со најблиските, знаејќи дека е сакан и никогаш нема да биде заборавен.

Вики Клинчарова

Поврзани новости