Завршен збор за „Таргет и Тврдина“: Главното прашање не е како е откриено незаконското прислушување, туку колку траело!

by fokus 11:15
11:15

Денеска во Кривичниот суд обвинителите Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов ги даваат завршните зборови за случајот „Таргет и Тврдина“, односно за масовното незаконско прислушување во УБК.

Обвинителот Пеливанов ги прочита стотината оштетени, кои биле нелегално прислушувани, а обвинителката Ристоска потсети дека пред овој случај, во минатото, имало уште две афери за прислушување, односно аферата „Дувло“ во 1992 година и „Големото уво“ од крајот на 2000 година, кои поминале неказнето.

- Advertisements -

-Осомничените во „Големото уво“ беа аболицирани од тогашниот претседател, рече Ристоска.

Таа потоа потсети и како била откриена и последната афера „Таргет и Тврдина“. Го спомена сведокот Ѓорѓи Лазаревски кој прв се посомневал дека се врши нелегално прислушување, а потоа сомнежите му ги потврдува колегите Звонко Костовски и Сашо Трајковски. Обвинителката во детали појасни како сведоците обезбедиле докази за нелегалното прислушување во Управата, а кои му ги предале на Зоран Верушевски. Потоа следувала акцијата „Пуч“, и обидот целата вина за прислушување да се префрли на сведоците кои ги прибирале доказите, и тогашниот опозициски лидер Зоран Заев.

Таа меѓу другото, во завршните зборови ги потенцираше и тортурите на сведоците кога биле испрашувани во МВР, откако признале дека тие ги изнесувале материјалите.

-Ќе беше добро ова да беше сценарио за филм, но за жал ова е реалност, рече Ристоска, појаснувајќи како се одвивало прислушкувањето преку трите системи во МВР.

Обвинителката заклчи и дека не е најважно прашањето кој го открил нелегалното прислушување.

-Сепак, главното прашање не е како е откриено незаконското прислушување, туку колку долго траело, истакна обвинителката.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

В.В.

Поврзани новости